Боја на летото: 5 начини да носите тиркизно сина оваа сезона
Тиркизната боја асоцира на морето, океаните, бескрајните плажи и прекрасните смарагди.
Без оглед на моменталните трендови, оваа совршена мешавина од зелена и сина, неизбежно станува хит нијанса секоја летна сезона.
Тиркизната е летна боја во вистинска смисла на зборот, па дамите често ја бираат во текот на топлите и сончеви месеци.
Впечатлива е и смела, поради што ниту дизајнерите не се колебаат да ја вклучат во своите летни колекции.
Во мноштво линии на најпознатите светски дизајнерски куќи, но и на брендовите за висока улична мода, пронаоѓаме облека која е декорирана со принт во тиркизна боја, но и грст модни додатоци, со чија помош можете да ѝ оддадете чест на бојата на летото.
Во продолжение, ви предлагаме пет стилски начини да носите тиркизно сина оваа сезона:
1. Летен фустан во тиркизна боја
Долга или кратка, лежерна или со строг крој – секоја дама има поинакви приоритети кога се летните фустани во прашање. Сепак, сите може да се сложиме околу една работа – во ниеден случај нема да погрешите доколку одберете фустан во тиркизно сина боја, или, пак, модел со дезен во оваа прекрасна морска нијанса.
2. Тиркизен лак за нокти
Со летни мотиви или покласична тема, тиркизно синиот маникир е уште еден сјаен начин на кој може да ја вклучите бојата на летото во својот изглед. Дланките што ги красат нокти во тиркизни тонови делуваат мошне убаво и впечатливо, зар не?
3. Чевли и сандали во тиркизна боја
Обувките се најдобриот додаток на гардеробата, а често го одредуваат и целокупниот тон на вашиот стил. Кога е тиркизно сината боја во прашање, најдобар избор се рамните сандали, патиките или сандалите со висока потпетица, кои совршено ѝ прилегаат на исончаната кожа.
4. Накит со тиркизни камења
Златото и тиркизот одлично се надополнуваат. И среброто, исто така, изгледа прекрасно во комбинација со тиркизни камења. Ова лето, одлучете се за накит со тиркизни детали, што на брз начин ќе го зачини вашиот аутфит. Притоа, впечатливиот ѓердан е идеален за таа намена. Одберете бела туника, па нагласете ја со ланче со тиркизни камења, или, пак, со пар тиркизни обетки.
5. Костим за капење во тиркизна боја
Не е важно дали сте блондинка, бринета, или, пак, црвенокоса. Тиркизниот костим за капење предизвикува вистинска магија и им ласка на изгледот на сите дами, независно од бојата на косата и тенот. А, на пазарот се достапни многубројни различни модели, токму во оваа идилична морска нијанса.
М. А. | Црнобело