Fashion&Friends колекции пролет/лето 2016
Цветните дезени, уникатните комбинации на материјали и кроеви, новите трендови и тенденции за пролет/лето 2016 веќе пристигнаа во Fashion&Friends.
Иако секој со своја карактеристика, кај сите брендови се забележува присуството на инспирација од 70-ите со доза на бунтовност и уникатност.
REPLAY
Лесен и хармоничен спој на модни концепти, колекција која рефлектира уникатност и нуди парчиња во широка палета на бои и тонови, од црно-бела комбинација, преку индиго, раскошно зелено, портокалово и розово па сè до златно и сребрено. Кроевите за пролет/лето 2016 се со помека линија, а балансот на разни видови на материјали како свила, памук, кожа и лен дава дополнително чувство на луксуз.
Женската колекција останува доследна на стилот на Replay со црни моторџиски јакни со доминантни принтови во контраст со свилени плисе здолништа. Тука се и тенките бомбер јакни, маички и едноставни избледени фармерки. Останати интересни парчиња се макси здолништата, лежерните долги фустани, развлечените маици и јакните со металик ефект.
Кај мажите пак, дизајнерите на Replay експериментираат со јакните и нивниот дизајн – маскирни принтови, кожа и нитни како додатоци на реверите. Одлична комбинација со бели маици и искинати фармерки. Колекцијата е збогатена и со цветни принтови, дизајни инспирирани од уметноста на Џексон Полок, пресликани на бомбер јакни, блузи и бермуди.
GUESS
Колекцијата на Guess за пролет/лето 2016 пренесува егзотично расположение инспирирано од најубавите плажи на светот, од бразилската Копакабана преку француската Ривиера до спектакуларниот италијански остров Капри.
Тропскиот урбан изглед направен за “it”девојки кои се облекуваат спортски, но со доза на гламур е инспириран од пулсирачката енергија на фамозната плажа во Рио Деженеиро. Парчињата и материјалите од кои се направени ја следат линијата на телото, а се дополнети со тропски и животински принтови. Боите како јарката зелена, портокалова и розова се вистинска асоцијација за типичниот темперамент на Бразил.
Под жешкото сонце на француската ривиера, Guess жената стои како симбол на женственост и заводливост, во лелеави фустани од свила и тантела, а медитеранскиот дух се чувствува преку специфичните дезени и земјени тонови комбинирани со цветни принтови.
Магијата на островот Капри е пресликана во колекцијата на Guess со сензуални креации на деновите поминати покрај море, материјали како свила и памук како и употребата на вез и тантела во контраст со парчиња кои се вистинска експлозија од бои.
#Madeforme
Во најжешката сезона од годината, тексас колекцијата на Guess нуди свежи идеи за уникатен изглед. Моделите инспирирани од гламурот на 70-тите ветуваат извонреден изглед во текот на целиот ден и се во согласност со останатиот дел на колекцијата со светлите нијанси и лесни материјали.
MARCIANO
Колекцијата на Marciano за пролет/лето 2016 е дефинирана од ретро шик вибрациите во современа форма, а е инспирирана од модерната жена, секогаш подготвена за нови авантури.
Слатки 70-ти
Гламурозни силуети од 70-тите со ретро цветни принтови кои ја пречекуваат летната сезона со актуелните бои и рокерски примеси во форма на суптилно поставени нитни и метални украси.
Џет-сет сонувачи
Нијанси кои потсетуваат на морската широчина и раскошните, летни вечери збогатени со светкави материјали и златни детали.
Тропска треска
Наплив на тропска енергија и стил кој блика со joie de vivre – релаксирани форми, долги здолништа, модерни кафтани со впечатливи дезени кои асоцираат на лето и релаксација со заводлива нишка.
SCOTCH&SODA
Колекцијата на Scotch&Soda за пролет/лето 2016 може да се дефинира како инспирација од извонредни луѓе и извонредни винтиџ елементи.
Дел од колекцијата е изразена преку силни силуети и игра со пропорции, приказна во која доминираат елементи од Истокот, со урбана нишка. Автентичниот и оригинален кимоно стил е во фокус заедно со графички и спортски елементи.
Позитивните вибрации и идеите за слобода, модерна африканска уметност и психоделичното чувство на 70-тите е инспирација за ретро приказната во колекцијата, во која доминираат портокалова, бордо и виолетова. Приказната е заокружена со парчиња кои асоцираат на идилични плажи и бегство од урбаното секојдневие.
Maison Scotch
Во женската колекција Maison Scotch слично како и кај машката, инспирацијата доаѓа од сите убави нешта кои ги нуди летото. Романтични патувања и калифорниско сонце, јаки боки, контрастни силуети и уникатни детали. Истокот се среќава со западот на носталгичен начин преку ориентални везови, кимоно наметки и кожени јакни. Колор блокирањето со маслинести и кафени тонови во комбинација со нежна розова, сина и портокалова дава урбано сафари чувство. Луксузот на островскиот рај е пренесен во колекцијата на Maison Scotch преку белата боја и неутралните песочни тонови со пеперминт зелени и фламинго розови детали.
DIESEL
70-ите и 90-ите години се едни од клучните декади кои влијаат врз модата, музиката и културата и токму тие се главна инспирација за новата колекција на Diesel. Преку карактеристично гледање и интерпретација на нештата типично за брендот, овие години се рефлектираат врз колекцијата низ неколку различни теми. Чувството на носталгија и автентичност е дополнето со иновативни материјали и кроеви, како и креативна изведба на парчињата.
Животните кои се симбол за моќ како американскиот орел и волкот се појавуваат на плетени парчиња, маици и јакни, додека пак специфичните елементи за Diesel тексасот и кожата се вклопуваат во спортски и елегантни парчиња. Во колекцијата пролет/лето 2016, тексасот блеснува преку нови кроеви, силуети и нијанси.
LEVI’S
Пролетната колекција за жени на Levi’s продолжува да нуди совршени модели на “skinny” фармерки кои се неизбежни во гардеробата на секоја модерна жена и девојка. Тука се моделите 710,711 и 712, додека пак другите модели како “straight”, “bootcut” и ”high rise” се препознаваат преку броевите 714, 715 и 721. Како генерална тенденција на сезоната се појавува и ретро елементот, кој кај Levi’s е претставен преку неколку дополнителни модели на фармерки и нијанси и бои – индиго сина и бела. Легендарните фармерки 501 се исто така достапни во повеќе бои, а она што е интересно е што можат да се најдат и во форма на ретро шорц со висока половина и дополнителен модел со зголемена должина. Фармерките и шорцевите одлично се комбинираат со релаксирани избледени маички и кошули од пријатни материјали. Во име на 70-ите присутни се и здолништа во А-форма од тексас.
Кај мажите за оваа сезона класичните парчиња доживуваат освежување преку боите во кои доаѓаат и принтовите со кои се дополнет. Тука се портокаловата и жолтата, ботаничките принтови и зелените нијанси. Како и секогаш најпопуларни остануваат 501 фармерките, но оваа сезона палетата на модели е збогатена и со 511, “slim fit” моделот. Деталите се особено важни во оваа колекција такашто везените амблеми се присутни како на фармерките, така и на класичните безбол капи.