Мајка и ќерка (6) од Охрид се облекуваат во тон и имаат кул моден стил
„Уште кога останав бремена знаев дека ќе имам ‘matching’ комбинации со моето дете, без разлика дали ќе биде машко или женско. Oмилена активност веќе шест години ми е усогласување на комбинациите со ќерка ми“, вели Ана Илијевски од Охрид за CRNOBELO.com.
Ана Илијевски од Охрид e мајка на прекрасно 6-годишно девојче. Таа обожава да се облекува во тон со ќерка ѝ.
Вели дека секогаш ѝ биле интересни за гледање модно усогласените комбинации на мајки и ќерки, па уште за време на бременоста знаела дека и таа ќе го прави тоа.
Ана за CRNOBELO.com вели:
„Откако останав бремена знаев дека ќе имам ‘matching’ комбинации со моето дете, без разлика дали ќе биде машко или женско.
Во шестиот месец од бременоста кога дознав дека е женско уште веднаш почнав да купувам иста облека и за мене и за неа.
Мојата омилена активност веќе шест години е усогласување на нашите модни комбинации.
Секако не е тоа постојано и, нормално, не е задолжително ние да бидеме исто облечени.
Ама кога сме исто облечени тоа ми е преслатко и можам слободно да кажам дека јас сум повозбудена од неа.
Најчесто прво одбирам за мене комбинација, па за неа. Штом забележам нешто што има во соодветен број и за мене и за неа, да ми биде по мој вкус, тоа е веќе купено, нема шанси да го одминам.
Сара не е бунтовно девојче, па да не сака да облече нешто што јас ќе ѝ предоложам, најчесто како ќе ја облечам така и излегува, со тоа што јас го почитувам и тоа кога сака да се облече шарено во некој Дизни лик, што е сосема нормално за девојче на нејзина возраст.
Тоа не значи дека нема и мама облека со Дизни. На пример, Мики Маус ни е омилен“.