5 навидум безопасни навики кои најчесто се причина за кавги во љубовната врска
Врските најчесто се еден долг тренинг на развивање толеранција кон навиките на партнерот и нивно прифаќање. Сепак, некои остануваат да шкрипат како гребење со нокти по ѕид.
Дали некогаш сте се запрашале што е тоа што го иритира вашиот партнер и покрај целата таа љубов и блискост кои ги имате?
Начинот на џвакање
Многумина од нас не можат да го поднесат начинот на кој некој друг џвака, пие, срка и голта храна. Оваа состојба се вика мизофонија. Ако вашиот партнер е чувствителен на овие звуци, многу е веројатно дека ниту вие не сте поштедени од тоа.
Колку и да ве сака, неговиот мозок не може да го поднесе вашето гласно џвакање и иритирачко пиење од чаша.
Постојано гледате во телефонот
Ако постојано сте со носот во мобилниот телефон, ќе дојде момент кога тоа ќе му дојде „преку глава“ на вашиот партнер и ќе ви се истури за сè што претходно го „собирал“.
Исто така, вие самите треба да бидете свесни дека игнорирањето на партнерот за да можете да се смешкате на социјалните мрежи може многу да го повреди. Договорете се за време на заедничките активности телефоните да стојат понастрана од вас.
Фалење со себе
Фалбаџиите сакаат да ги импресионираат соговорниците, но има и такви кои сакаат да ги потценат, потенцирајќи ги своите успеси. Ова може да биде многу одбивно за луѓето околу вас, вклучувајќи го и вашиот партнер, кој решил со вас да гради врска и иднина.
Неконтролирано трошење пари
Неконтролираното и неодговорно трошење пари може да биде одбивно за оние околу вас. Сосема е нормално да ви е мерак да ги потрошите заработените пари на нешто што сте го посакувале, но ако тоа ги преминува границите, почнува да изгледа како фалење и искажување моќ и контрола.
Враќањето дома со нов пар чевли, во време кога треба да се платат сметките е во најмала рака иритирачко и потценувачко во очите на вашиот партнер.
Броење поени во врската
Партнерите во врската треба да бидат горе-долу еднакви, во секој можен поглед. Но, пребројување кој за што колку потрошил и дали купил за себе нешто поскапо, а заштедил на нешто за дома, со тек на времето може да стане навистина отровно за врската.
Е. Д. | Црнобело