Приказни од хотелот – осми дел
Нова година. Вечерта пристигнуваше Новата година! И нормално беше тотален хаос на работа...Три дена пребукирани со гости, цело време сместувавме гости, лудило...
„Г-ѓа Вилма, еден гостин од Белорусија сака да резервира соба за вечер...“
„Еј, Клара... Ај, не прашувај глупости... Каде ќе го сместам? Во мојата соба ли?“
Клара како да промрморе нешто неразбирливо, позбори со тој на другата линија уште некоја минута на телефонот, се насмеа и му спушти. Забележав, но не обратив некое преголемо внимание. Продолжив со примањето гости.
По некое време влезе инспекторот Буков. Си помислив во себе „Кај ли најде сега во оваа гужва да доаѓаш....“
„Повели, инспекторе...“
„Вилма, дај бе една соба, жити сé.“
„Како да ти дадам, кога сме полни... Нова година е...“
„Ај ѕирни таму, може ќе најдеш нешто.“
Инспекторот е нормално еден од најбенифицираните клиенти. За него секогаш мора да има соба, па макар и да треба да ја измислиме. Ова ни го остави во аманет претходниот сопственик на хотелот, г-динот Киро.
Се смееше дур ми ги претставуваше најстарите, најредовните и најбенифицираните клиенти.... Од тогаш речиси ништо не е сменето, а и да се сменило нешто во меѓувреме не сме можеле ни да забележиме...
„Ах, само ако влезете точно на еден час и излезете“ – блефирав нормално, но секако мораше да се изветрее собата и да се намести барем два часа пред да дојдат гостите.
„Ах Вилма, Нова година е... Сакаме да прославиме. Со еден саат што ќе направиме? Зајци ли ќе изигруваме? Ајде убаво разгледај таму...“
Додека јас чепкав низ книгата за резервации, инспекторот без око да му трепне, ми кажа:
„А бе знаеш, нешто Тони ми спомна дека сега од први масакр ќе правеле. Секое кафуле, секој хотел, секој ресторан ќе го чешлале, нешто ептен се намерачиле на угостителите... Пази си се ти...“
Продолжив, не сакав да обрнам внимание. Тони му е другар од финансиска инспекција... За момент го почувствував како многу јаден и безобразен тип. Индиректно ми се закануваше со инспекција и тоа финансиска. Само нека повели, и онака нема што да криеме...
„Жалам, испекторе. Нема соба!“
„Вилмичка, што си вака нервозна, па немој да бидеш... Нели имаше за еден час.“
„Па, поминаа речиси 15 минути од кога се натегавме... Сега имате 45 минути. Ви одговара?“
„Давај...“
„1000 денари.“
„Вилма?“
„Фала ти што се грижиш за мене, патем поздрави го другар ти Тони, ние секогаш сме чисти. Добредојден е во секое време.“
Инспекторот се налути и замина. Ја фати госпоѓицата за рака и ја одведе. Сè ми се чинеше како гордоста да му беше нарушена. Помислив дека веднаш ќе се фати за телефонот и ќе се јави, но тој само беше изнервиран до максимум.
Можеби само блефираше со јавувањето кај Тони или неговиот мерак, но како и да е, мора да знае дека кај мене владее сосема друг режим на работа... Манијак...
Се наближуваше крајот на денот. Сите си заминаа. Сите гости беа веќе сместени во собите и се подготвуваа за прослава. Една млада група на адолесценти од Словачка решија нивната забава да ја направат во хотелот.
Секако, најпрвин побараа дозвола и јас им дозволив... Се согласив бидејќи и јас некогаш бев млада како нив, сакав да уживаат, иако знам и дека ќе ме чека хаос другиот ден... И дека Вероника ќе збесне кога ќе дојде прва смена на работа... Но, тоа е...
23:00 часот. Уште еден час до пристигнувањето на Новата година. Јас бев сама на рецепција и читав книга, кога дојде еден од Словаците.
„Добровечер, дали би сакале да ни се придружите на забавата?“
„Би било прекрасно, но можеби подоцна. За половина час.. Некој сепак треба да внимава.“
„Заклучете и дојдете!“
„Добро ми велиш. Доаѓам!“
Ги заклучив вратите и заминав на забавата. Во еден момент заборавив за сè и сакав само да се забавувам. Беше околу пет минути до 00:00. Алкохол имаше насекаде, прскање со шишиња, конфети... Вистинска лудница од забава.
Отидов малку надвор да земам воздух и да видам што се случува. Тогаш забележав еден човек со капа на паркингот. Кога ме забележа и тој појде кон вратата од хотелот.
„Добровечер, млада дамо! Внатре е заклучено, телефонот залудно ѕвони... Дојдов да прашам дали имате соба за ноќевање?“ – ми се обрати на англиски.
„Немаме... Сите соби се зафатени...“
„А вашата?“
„Ти си манијак... Манијак! Манијак!“ – речиси почнав да викам на сиот глас.
„Смири се... Вилма еј, јас сум Ричард!“
„Ричард? Па... Па... Па, како?“
„Изненадување!! Оној ден не ти се јавив бидејќи бев да резервирам карта... Карта во еден правец.“
Во тој момент изглегоа и дечките од забавата, помислиле дека нешто ми се случило. Но, кога видоа како се бакнуваме со Ричард, само воздивнаа.. и почнаа да урлаат на сиот глас „СРЕЌНА НОВА ГОДИНА“.
„Среќна Нова, мила моја.“
„Среќна и на тебе, љубов.“
„Знаеш ли што сакам во новата година?“
„Што?“
„Сакам да ми го подариш најубавото бебе на овој свет.“
„Ајде!“
Се упативме во хотелот. Спонтано се фрливме во креветот. Се однесувавме како тинејџери за Нова година кои решиле добро да се омрсат. Мојата кожа трепереше, како и таа да воздивнуваше...
Не носев никаква чипкана долна облека, носев сосема обична... Не бев нешто особено дотерана, ниту пак нашминкана... Но, се чувствував како Адријана Лима... А, тој... Тој беше секако прекрасен...
Ричард никогаш не бил поубав... Никогаш не бил позгоден... Ричард сака да биде таткото на моето дете!
*Сите настани и ликови во приказните од овој чуден хотел се измислени, доколку било кој се пронајде во нив – тоа е чиста случајност.
Претходниот дел прочитајте го тука.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Марија Прличкова | Црнобело