Приказни од хотелот - втор дел
Денес беше вистинска лудница во хотелот. Беше толкав хаос што не се знаеше кој пие, а кој плаќа. Врвулица од луѓе, доаѓаа и си одеа за половина час. Клучевите летаа на сите страни, што предадени од гостите, што од исчистени соби...
„Ме заболе глава, Клара“ – ѝ се обратив на една од вработените.
„Сакате ли апче, госпоѓо?“ – ме запраша таа.
„Не, ќе одам да прилегнам малку, те молам заземи го моето место“ – реков и тргнав кон една од гостинските соби. Соби кои ги користевме сите кои бевме вработени, меѓу кои и јас – газдарицата.
„Но, денес...“ – запелтечи таа.
„Знам, Клара... Јасна ми е состојбата, но сигурно не сакаш да ви приумрам тука?“
„Во право сте... Добро, одете“.
Заминав јас во гостинската соба. Сè што сакав е малку да земам здив, да ја одморам главата и да ги оптегнам нозете.
„Будна ли сте“ – почна да тропа некој на вратата.
Сонливо ги отворив очите и слушав како интензитетот се зголемува.... Тогаш сфатив како е некој да ти тропа и тоа баш кога си заспал, можам да замислам колку е досадно тропањето на врата кога ја правиш онаа работа.... Па, си се присетив колку сум била „лоша“... Полека, со тромави чекори дојдов до вратата и ја отворив.
„Извинете што ве вознемирувам... Но, се случи нешто. Мора да дојдете“
„Ох, што е Вероника? Каде е Клара? На нејзе ѝ ја делегирав мојата обврска...“ – реков триејќи ги очите. Се чувствував како да сум спиела цела вечност.
„Клара е на рецепција, ама...“
„Ама што, Вероника?“
„Не може да се справи со господинот Балевски... Тој вели дека бил редовен гостин и дека морало да го пуштиме без документ за идентификација“.
„Ах тој Балевски, секој пат иста песна. Добро до кога? Ајде, доаѓам за две минути“.
Ја поднаместив разбушавената коса, се напив апче за глава и тргнав кон рецепцијата.
„Добар ден Балевски, во што е проблемот?“
„Ох Вилма, какво изненадување. Знаеш дека сум редовен гостин и овој пат те замолувам да поминам туку-така“.
„За твоите туку-така поминувања постои закон и ред. Балевски, не можам секој пат да те вадам од твоите глупости“.
„Глупости? Моите афери ги нарекуваш глупости? Значи ти кажав дека Елизабета е во ред со тоа...“
„Во ред е? Тогаш зошто се обиде да се претстави како Елена од МВР и тоа неколку пати? Зошто дојде да се распрашува и да бара да ѝ ја дадеме книгата со евидентираните гости? Те молам...“
„Пак ли дошла? Леле... Чекај малку...“
Отиде надвор и разговараше со неговата нова избраничка, 10-та оваа година... А, тек е мај... Балевски е еден од многуте „фраери“ кои кога ќе дознаат дека се откриени ја губат главата и сиот фраерлук им паѓа во вода... А, можеби и некоја од претходниве му го сместила и тоа добро... „Ех Балевски, Балевски“ – си помислив.
Влезе таа, нашминкана во стилот на 90-тите, оние ’90-ти на Балканот, не оние „светски ’90-ти“. Труеше на евтин парфем и кич облека. Неколку пати морав да се почешам за носот, онака да земам малку кислород.
„Да не те налути некој, а?“ – ми се обрати Балевски, мислејќи на моето чешање на носот.
„Ма нее... Денес веќе никој не може да ме налути“ – одговорив.
„Мили, дај да одиме веќе... Маж ми ме чека, треба да одам...“ – конечно прозбори дамата.
„Ама Добрила, нели му кажа дека си на службено патување? Од каде сега тоа“ – праша Балевски.
„А да, му кажав тоа... Ама, тетка му од Прибилци починала... Па, сега треба да одиме на погребот“ – рече таа.
„Вилма, гледаш дека жената е ужалостена, треба да ја утешам малку... Не биди дете, ајде....“
„Ако не ја дадеш ти личната карта, тогаш тоа мора да биде од твојата придружничка“ – одговорив.
„Но како, злато... Па, јас не можам... Ќе дојде маж ми...“ – почна да одоговлекува таа.
„Вие си знаете. Клара, одам да сварам кафе.“ – го свртив грбот и тргнав кон кафетеријата на хотелот.
„Добро, добро... Ќе ја дадам“ – забрзано ја извади Добрила својата лична карта.
Платија и се упатија во собата. Ја погледнав личната карта и ми падна чудно.
„Клара, нели тој ја нарече Добрила?“
„Да, Добрила...“
„Епа, Балевски гадно се зафркнал...“
„Зошто?“
„Затоа што оваа Весна Биберска добро ќе му го забибери. Ех, Балевски... Ако ти е!
„Како мислите?“
„Не знам што е ама ми смрди работава... Зошто инаку би го лажела како се вика ако нема некаква корист од тоа? Можеби го „работи како нива“... Кај и да е, Елизабета ќе биде вистински ужалостената... Само кога ќе го фати со оваа „певаљкава“ на дело. Ох, ми помина главата... Ќе си ставев виски ама се напив апче... Ајде, Клара... Да наздравивме со чај или кафе...“
„Ајде“....
Балевски му ја здувна за половина час, како и сите претходни кои дојдоа денеска. Не за џабе рекле дека на крај сам себе ќе си го забиеш онаму кај што не треба. Верувам дека наскоро ќе дознаеме која е Весна...
* Сите настани и ликови во приказните од овој чуден хотел се измислени, доколку било кој се пронајде во нив – тоа е чиста случајност.
Прочитајте го првиот дел - тука
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Марија Прличкова | Црнобело