Господе прати ми некој нормален!
Се изморив, искрена да бидам, ми дојде преку глава. Секогаш кога ќе и дадев шанса на љубовта се чувствував како да доаѓаше и да создаваше бура во мојот живот. Правеше да помислам дека ми е подобро да бидам засекогаш сама. Можеби и не беше крива љубовта како поим, туку луѓето на кои ќе им дадев прилика да бидат дел од мојот живот. Можеше ли Господ да ми прати некој нормален?
Немав намера да излегувам, бев сама подолго време и ми беше добро. Немав проблеми на главата, не знам што ме натера ѓаволот да го сретнам него. Иако првично не бев заинтересирана, тој беше фин, паметен, интелегентен дечко, кој знае што сака во животот, си реков што можам да изгубам.
Излеговме неколку пати и помеѓу бакнежите и прегратките се почувствував убаво. Ќе излажам, ако кажам дека не ми годеше таа мала промена, после долги месеци со статус сингл. Започнавме да се гледаме, како да сме тинејџери и после еден месец ме покани на викенд во неговата викендичка. Тоа ќе беше нашиот прв интимен момент, нормално како девојка се спремив дури и со презервативи, така ме учеа, секогаш да бидам спремна на сѐ.
Отидовме таму, погледот беше прекрасен, ги гледавме светлата на градот под нас, пиевме вино и зготвивме тестенини со измислен сос, кој требаше да биде болоњезе, но нешто не излезе по рецептот. Стоевме еден до друг изгубени во безбројните бакнежи кои ги делевме, покриени со ќебе во обид да се спротиставиме на студот.
Го повлеков во спалната, падна на креветот, се милувавме и беше како сѐ да почнува од почеток. Тогаш доживеав шок. Не знам дали беше проблем со потенцијата или психички проблем, но таму долу немаше ништо активно. Како да беше мртво. Тоа не ми се случило никогаш, едноставно се почувствував како да ја изгубив целата самодоверба.
Се свртив на страна покриена со белиот чаршав и запрашав: „Што не е во ред, дали е до мене?”
Како ова да беше премалку, тој рече: „Ме потсети на бившата, а потоа сфатив дека не е таа, туку ти, па затоа...”.
Добро беше што беше темница, бидејќи во тој момент не знам каква експресија имав на лицето, најверојатно како да сум изгризала 10 лимони одеднаш.
Кој ја измисли љубовта, можеше ли некој да ми објасни?
Ми раскажа како сѐ уште не можел да ја преболи нивната десет годишна врска, која случајно, онака како гром од ведро небо, се испостави дека вклучувала и три години во брак. Не можев да си поверувам.
Сите замерки кои ми ги даде за стајлингот, сите предлози за патувања, сите идеи за заеднички средби. Тоа го правела таа, тоа го правел тој со неа, дури и почетната секс поза која не ни успеа. Што требаше јас да направам, да бидам таа? Да бидам неговата бивша, каков проблем имаа луѓето во главата?
Зошто едноставно не можеа да преминат преку работите. Признавам 10 години е навистина голем период, но животот продолжува, продолжува и после полоши работи. Освен тоа самиот кажа дека веќе три години поминале откако тие се разведени. Јас стоев шокирана.
Немав зборови, едноставно не знаев веќе што да изговорам. Дали имаше смисла. Во мојата глава се вртеше дека ова мора тука да прекине. Дали требаше да се продолжи да се лечи човек кој сам не се излекувал? Дали јас бев лекот кој му е потребен или само проект кој требаше да личи на неговата бивша?
Зошто луѓето се толку... комплицирани?
Наместо тоа да биде еден викенд полн со романса, полн со нежност, убави моменти, славење на љубовта, се претвори во кошмар. Главоболка која ме држеше цел викенд. Го опцув сто пати, колку ми беше само мирна главата пред да ми влезе во животот. Зошто повторно дозволив да си го искомплицирам секојдневието?
Си заминав порано, морав да размислам. Ќе зборувам со него лице во лице. Но многу работи беа јасни, оној кој не може да го заборави минатото, не може да ја креира иднината и да ужива во сегашноста.
Тоа беше товар кој јас не можев и не сакав да го носам. Би сакала да можев да помогнам, но сметав дека тоа е само залудно изгубено време.
А баш штета, навистина беше сладок и паметен.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Н. Буџак | Црнобело