Фраери со кои нема да им се посреќи на жените - иако на прв поглед не изгледа така
Кој е најдобриот начин да се ослободите од навиката за вљубување во погрешни ликови? Првин запрашајте се зошто го правите тоа и како секогаш паѓате на исти типови. А, потоа повторете си: Заслужувам подобро! Заслужувам подобро! Заслужувам подобро!....
Колку и да мислат дека ќе „профитираат“ со нив во врска, одредени мажи едноставно немаат потенцијал вистински да ги задоволат припадничките на понежниот пол.
Тие само привидно им делуваат како добар материјал на девојките, по што следува студен туш и едно огромно разочарување.
Четирите фраери со кои нема да им се посреќи на жените се:
Фраерот што се однесува како вечно дете.
Ваквите момци им се забавни на сите. Излегувајќи со овој тип на фраер, не само што убаво ќе си поминете, туку ќе се присетите и на детските лудории. И тоа е супер.
Сѐ до моментот кога тој ќе мора да се врати кај мама, а вие веројатно ќе треба да го одведете дома, бидејќи големи се шансите да нема ниту автомобил, а ни возачка дозвола. Децата во тело на возрасни мажи се спонтани личности, па покрај нив и сами ќе се чувствувате полни со елан.
Сепак, едно утро ќе се разбудите од сонот, па низ главоболка ќе заклучите дека бајките се само бајки, додека шармот во вистинскиот живот има рок на траење. Особено кога не е поткован со цврсто газење на земјата, кое никако не оди со карактерот на вашиот дечко.
Фраерот што се знае со сите важни фаци.
Нему отворени му се вратите каде и да се појави, бидејќи е близок со повеќето градски ѕверки. Овој фраер има пристап и зад сцената на сите добри концерти, па ќе ве запознае со омилените домашни ѕвезди.
А, потоа два месеци нема да ви одговара на СМС пораките. Кога конечно ќе се јави и ви предоложи одново да излезете, тој ќе разговара со вас како вчера првпат да сте биле на средба. Полн е со себе, но на необично харизматичен начин, а жените лесно паѓаат на туѓата самодоверба.
Доколку пракса ви е да се „застрескате“ исклучиво во „VIP“ дечковци, не чудете се ако емоциналната дистанцираност ви прерасне во синоним за мажественост, додека обичните и фини момци ги поистоветите со преголема досада.
Фраерот што е убав, ама монотон.
Ваквиот тип може да се спореди со радио станица која пушта „чил-аут“ музика. Пријатно за уво, слатко како сладолед од ванила и одговара за секоја пригода.
Може дури и да го поканите како приружба на сестрината свадба – сите ќе бидат воодушевени. Пред вашата мајка секогаш ќе ја каже вистинската реценица, а вам ќе ви испрати цвеќе, дури и кога за тоа нема никаков посебен повод.
Меѓутоа, потпалувањето на жарта во врската ви е непознат поим. Мисионерската поза ќе ја одработи совршено, но нема да мрдне ни сантиметар од тоа. Убавината полека прераснува во досада, а ако предолго трае, монотонијата се претвора во нервоза. Накратко – состојба која почнува да личи на катастрофа.
Фраерот што живее за авантури.
Еве и еден спротивен екстрем на претходниот. Кај вечниот авантурист, ѕиркањето во неговиот плакар е како талкање во пространа лабораторија. Ќе најдете сешто, освен она кое би требало да стои во орманот. Во кревет е страствен и секогаш склон да ги помести вашите граници.
Меѓутоа, понекогаш ќе посакате нештата да се вратат во нормала, а наместо експерименти, едноставно да водите љубов. Најчестата заблуда е кога жените ќе почнат да се доживуваат како магично стапче, коешто може да го „поправи“ психолошкиот профил на фраерот.
Ако тој е физички присутен, а емоционално е оддалечен на километри од вас, тогаш не постои време што ќе ви биде доволно за поправки. Помирете се со реалноста. Со него ќе ви биде забавно, ама никогаш нема да го имате.
М. А. | Црнобело