Пет нешта што треба да ги знаете пред првиот одмор со новиот партнер
Планирањето на првиот одмор во новата врска може да биде возбудливо, но никогаш не можете однапред да знаете како всушност ќе помине целата таа авантура.
На прва помисла, партнерите очекуваат возбудлив одмор, романтични прошетки, ноќи исполнети со многу бакнежи и прегратки. Реалноста може да ви удри шлаканица уште првиот ден по пристигнувањето, бидејќи постојат многу нешта кои не ги знаете еден за друг, а кои може да ја нарушат хармонијата која ја планирате.
Така, пред да тргнете, размислете на следниве пет теми и обидете се да бидете доследни до нив, за да избегнете непријатности.
Изберете дестинација која и на двајцата ви се допаѓа
Најдете пресек на вашите множества на желби и одлучете да заминете некаде каде и на двајцата ви се допаѓа. Доколку се обидете да направите компромис, може да се случи едниот од вас цело време да биде незадоволен.
Ако не сте љубител на планина, не значи дека поради вашиот партнер наеднаш ќе се вљубите во искачувањето врвови. Едноставно, подобро е да се договорите и да ги поставите таканаречените „црвени линии“, за да можете да го извлечете најдоброто од патувањето.
Пребројте го буџетот
Колку и да е овој дел непријатен, играјте со отворени карти и планирајте според тоа колку пари имате. Можеби вие имате доволно пари да заминете на одмор во Шпанија, но вашиот партнер да се пребројува дали има и за летување во нашата земја, а не па надвор.
Може да се случи и обратното. Затоа, разговарајте за финансиите, бидејќи секогаш можете да се договорите да одите некаде каде е финансиски достапно и за двајцата или пак да се поделите на начин што едниот ќе покрива одредени помали трошоци, а другиот поголемите, а ќе се раздолжите подоцна.
Понекогаш, можеби едниот од вас ќе сака (и ќе биде во можност) да го покрие патувањето - и тоа е една од опциите, наместо да се соочите со финансиски проблем кога веќе ќе пристигнете таму.
Разговарајте за очекувањата
Додека за едни одморот е шанса да разгледаат нови нешта и да откриваат скриени катчиња од избраната дестинација, други на тоа гледаат како можност да спијат подолго, да пијат кафе или пиво на плажа или на тераса и да уживаат во неколкуте дена мир од секојдневието. Затоа, пред воопшто да испланирате патување, бидете отворени и побарајте го истото од партнерот, за да избегнете конфликти кога сте далеку од дома.
Испланирајте време за себе
Иако е важно да поминувате време заедно, подеднакво важно е и да си дадете доволно простор. Доколку девојката сака да оди во шопинг, не мора да дојде со неа и момчето, ниту пак таа е принудена да следи некој спортски натпревар доколку не сака. Но, ова мора да го разграничите пред да тргнете, бидејќи ако не го направите тоа, можете само да си предизвикате непотребен стрес и да го уништите патувањето.
Очекувајте дека ќе има нешто што нема да ви се допадне
Тука може да спаѓаат одредени навики или однесувања кои досега не сте ги забележале, а ќе почнат да ви одат на нерви по неколку дена поминати деноноќно заедно. Токму овие ситници се оние кои ќе може да ве разочараат и да предодредат дали следната година повторно ќе отидете заедно на патување или ова е вашето последно заедничко.
Е. Д. | Црнобело