Вреди ли да се сакаме, за потоа да се мразиме?
Ми велиш, „Извини не успеав да се нашминкам во брзањето”, а всушност јас сум тој кој треба да се извини за своето успивање. Ретко ми се случуваше да доцнам, но ете се изгубив во уморот на своите мисли и во длабочнината на моите обврски.
Сепак, на крајот на денот сфатив дека колку и да сакам, не можам да бидам Супермен, затоа што и јас како другите сум човек. Обичен човек кој сонува за необични работи.
На терасата над градот, каде што нема ѕвезди поради лошото невреме кое нè зафати, се слуша жуборлива меланхолија од алкохолот на двете кристални чаши. По кој знае кој пат, една прекрасна вечер со многу насмевки и една нова разделба, без можеби за двајцата долго очекуваниот крај.
Ја гледам твојата насмевка и искреноста во очите. Нешто ми вели дека немаше ништо лажно таму, често знаев добро да ги проценам луѓето. Колку и да беа различни нашите два света, имаше нешто што ете необјасливо нè поврзуваше.
Како да имавме слични соништа, кои иако одеа по различни патишта, сепак имаа некоја точка која што ги поврзуваше. Барем така си мислев.
Ми велиш, „Многу ми е мило што те запознав”. Се појавува црвенило на моите образи, не можам да лажам дека таа реченица не ми дојде како пролетен дожд во спарен летен ден.
Јас горам од желба да кажам многу повеќе, но ме кочи фактот на размислување на работите во мојата глава. Како можев да ја објаснам комплексноста на моите мисли, понекогаш и сам се прашував зошто се случува, но немаше објаснување.
Како да се справам со моето заминување? Во главата ми звонеше, „Ти си одиш, ти си одиш, ти си одиш засекогаш”.
Знаеш, во животот најмалку сакав да ги повредувам луѓето, не сакав да ја почувствуваат болката која јас многупати сум ја добил без анестезија. На голо месо, со жежок, остар нож кој пробива низ кожата право до срцето. Не се жалам, сè си има своја лекција.
Додека пијам од виното помислувам на тебе, на таа искрена насмевка, на ноќта и на заеднички поминатите часови, ми текнува колку е сè како што треба, а знам дека во овој свет никогаш не е сè како што треба. Барем така ме научи животот.
Јас би додал на твојата реченица „Би сакал да те запознаев порано”. Зошто сега ако трагата од усните на кристалната чаша се најде на твоите усни и утре заминам, тоа ќе биде како да си потрошила време на некој кој е сличен како сите што си ги запознала претходно.
Мразев да ме мразат. А ако јас и ти се споевме под месечевата светлина и потоа јас исчезнев, имав впечаток дека ќе ме мразиш засекогаш. Ќе бев како сите останати, оној кој украл дел и заминал, без да каже збогум.
Чуден е спојот на мислите, ситуациите, понекогаш немаш објаснување. Среќаваш сè и знаеш дека ќе останеш без ништо, зошто животот е сурова ку*ка која само ти покажува што се наоѓа на излогот, за потоа да ти каже дека не можеш да го имаш тоа, затоа што се потрошило или затоа што едноставно ти не сакаш да ја уништиш убавината на излогот.
Би сакал да беше поинаку и да го немав притисокот на моето сигурно заминување. Што знам, можеби јас сè уште премногу си редев на срце и преразмислував.
Но за две работи бев сигурен, не сакав да ја уништам таа твојата слатка насмевка и искреноста, колку и да беше глупава и наивна, барем беше фер за другата личност во приказната.
Каде после сето ова? Вреди ли да се сакаме, за потоа да се мразиме?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Н. Буџак | Црнобело