Ќе се омажиш за некој што ја изневерувал свршеницата со тебе?
Те гледам и пробувам да немам осудувачки поглед, затоа што во принцип не осудувам, но знаеш оваа ситуација ми личи како оние, „Што не кажа тогаш кога требаше, каде беше тогаш да сееш мудрости, зошто премолчи?”, затоа што луѓето во принцип најчесто тогаш зборуваа кога сè ќе беше предоцна, пред тоа никаде ги немаше.
Си велам во главата подобро да ме мразиш сега, ама барем да слушнеш од мене, можеби нема ништо да промени тоа, не! Сигурен сум дека нема ништо да промени, но ете да чуеш, потоа можеш никогаш да не ми прозбориш.
Каде ти е паметот?
Не ме гледај така збунето во обид да ми препишеш на љубомора, затворен ум, ограничено размислување. Немој во никој случај да го свртиш овој разговор во таа насока, затоа што ако некој близок ти зборува нешто што не сакаш да го чуеш, верувај ми ти го мисли најдоброто, иако во тој момент изгледа сосема спротивното.
Да ја повториме вашата романтична бајка, која повеќе личи на турска серија. Бевте во врска две години, од коишто ти првите три месеци мислеше дека си прва виолина, за потоа да научиш дека магично постои некоја друга која го има тоа место, со која потем онака случајно оди десет години, од кои две паралелно со тебе, па се сомневаше дека постои некоја трета, сега ми кажуваш дека тој ја откачил првата за да биде со тебе, иако неговите го осудуваат за сите тие постапки, те запросил и ти си прифатила?
Извини повторно да прашам, каде ти е паметот?
Ти кажав уште тогаш, откако дозна дека треба да се тргнеш од таа приказна, бидејќи нема да ти донесе добро, но ти продолжи да се давиш во солзи секогаш кога таа ќе заѕвонеше и тој ќе го напуштеше твојот топол кревет со недокажани мисли, на недонаправени допири.
Не смееше да го бараш, не смееше да го живееш животот близу него, а умираше за сето тоа. Стана љубовница која смееше да се гледа со него само кога полагаше некакви измислени тестови од работа или одеше на деловни состаноци, надвор од градот, а тој остануваше во хотел со тебе. Тогаш те предупредив, ама очигледно не беше доволно. Те гледав колку страдаш, но не сакаше да послушаш.
Што очекуваш од вашиот брак?
Дали сериозно мислиш дека ти ќе бидеш таа допрена од Бога во главата која ќе го промени него, човекот кој шутна свршеница без да му трепне око, а притоа немаше смелост ни достоинствено да раскине, што очекуваш од него, верност?
Треба да се насмеам или солзите кои ги лееш се потврда на она што ти го велам? Зарем не мислиш дека ќе ти го прави истото?
Твој е животот, јас нема да го осудам ни него, ни тебе, само немој да ми дојдеш во три часот навечер, со растечен креон по лицето кога повторно ќе „полага” тестови и ќе „оди” на службени патувања. Затоа што мислам дека тогаш ќе е многу доцна, па не дај Боже да имате деца, сигурно не го правиш ова бидејќи очекуваш негово дете, те молам кажи ми дека не е тоа?
„Не е тоа, но мислам дека навистина ќе се промени за мене. Некако чувствувам, ме сака” вели таа целата во солзи.
Те сака, о Боже, ја сака! Слушни ме душо моја убава. На негови триесет години единствено нешто што можеш да промениш е рингтонот на неговиот телефон.
Тој си е каков што си е, го знам јас, го знаеш ти, го знае пола град. Ако сакаш да бидеш како неговата бивша и да ги шеташ роговите по град, да ти се смеат сите и да те знаат како жената на мажот што ја изневерува со секоја втора, слободно јас ќе ракоплескам кога ќе одиш до олтарот, затоа што ќе мислиш дека си среќна, а ако си ти среќна и јас ќе бидам. Само, кога ќе дојдеш на мојата врата да плачеш, јас ќе немам што да ти кажам, затоа што сè било кажано.
Оној кој е способен да го направи тоа еднаш, ќе го прави засекогаш и немој да паѓаш на тие негови филмови и разговори дека ти си таа за која вреди сето тоа, не мислиш дека ги направил милион пати?
Ти ја имаш контролата на твојот живот ќе бидеш болно-опсесивно љубоморна и ќе дозволиш да живееш живот во кој свесно се впушташ во самоповредувања или ќе бидеш храбра да ја завршиш таа безмислена игра на љубовници и да најдеш човек кој ќе те цени тебе и твоето достоинство и никогаш нема да дозволи да се најдеш на второ место.
Не дозволувај твојот глупав, заљубен женски мозок да ти го уништи животот, додека не е предоцна, потоа сè е залудно!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Н. Буџак | Црнобело