7 типови на мажи кои никогаш нема да се променат
Никој не е совршен. Сите имаат свои маани. Сепак, постојат момци на кои личните недостатоци им го оневозможуваат нормалниот однос со партнерката. Кои се тие?
Седумте типови на мажи кои никогаш нема да се променат се:
1. Мамин син
Мамините синови се посебно опасни ликови. Постојат два вида. Во првата група спаѓа мажот кој прекумерно ја сака својата мајка, па што и да направите, никогаш нема да го достигнете нејзиното ниво. Барем не во неговите очи.
Во втората група, пак, се наоѓа мажот што е научен мама да прави сѐ за него. Поточно, ова се типовите кои без помош од мајка си, не се способни да завршат ниту една работа.
2. Работохоличар
Постои разлика помеѓу амбициозен маж и работохоличар. Вториот, попрво би седел уште неколку часа во канцеларија, одошто да ги помине во ваше друштво.
Иако неговите амбиции се навидум секси и достојни за восхит, порано или подоцна, ќе сфатите дека нему работата секогаш ќе му биде поважна од партнерката.
3. Индиферентен тип
Ако партнерот е рамнодушен, слабо заинтересиран и скржав на покажување емоции на почетокот од врската, тогаш тој никогаш нема да биде лудо заљубен во вас.
Тешко е да се слушне, но тоа е вистината. А, индиферентните типови не се мажи поради кои ќе ви биде топло околу срцето.
4. Типот на кој му е најважен изгледот
Кога мажот троши повеќе време и пари за разубавување од вас самите, тоа значи само едно. Во врска сте со метросексуалец, којшто претерано е опседнат со сопствениот изглед.
Не е дека сака да се натпреварува со партнерката по ова прашање. Тој едноставно „мора“ секоја вечер да го исчисти лицето и да нанесе маска. И тоа нема да се промени со годините. Напротив. Уште повеќе ќе се грижи за себеси, како би останал младолик што подолго време.
5. Монотон тип
Ова е мажот кој секогаш организира иста „забава“ за себе и партнерката. Прво, пицата и сериите се добар одмор, но не и единствена занимација за една љубовна двојка. Второ, возрасните луѓе одат и во кино, на театар, посетуваат разни настани, или, пак, прават пикници. И трето, ноќните излегувањата се кул, но не и кога прераснуваат во досадна рутина.
Ако партнерот постојано ве води на веќе видени места, каде по стотти пат се дружите со старите и добро познати фаци (читај: неговите пријатели), мала е веројатноста дека типот ќе се промени. Еднаш монотон – засекогаш монотон.
6. Женкар
Тој знае како да шармира и е одличен љубовник. А, затоа што имате толку страсна и навидум идеална врска, мислите дека наскоро ќе заборави на сите останати девојки.
Меѓутоа, не е така. Всушност, вие сте само дел од неговиот харем. Нему заведувањето му е крвта, па не давајте си лажна надеж дека баш вие ќе го преобразите. Не до вас – до фраерот е.
7. Егоист
Постои тенка линија помеѓу она што може да се толерира во односите заради љубовта, за разлика од нештата кои никако не смее да им ги дозволите на другите.
Егоистите не ги ни кријат своите недостатоци. Дури и тогаш, тие се однесуваат надмоќно со партнерките. Па, ако мажот со кого сте во врска, баш секогаш ги става неговите желби и потреби пред вашите, кажете му: „Збогум!“.
Тоа се седумте карактерни профили на мажи кои е речиси невозможно да ги промените. Сепак, вкусовите се различни. Она што за едни е мана, други го сметаат за доблест. Дури и кога не е.
М. А. | Црнобело