8 совети за успешно да пронајдете љубов онлајн
Живееме во време кога сè се пронаоѓа, купува и одвива онлајн – од храна и облека, до комуникација, па и пронаоѓање љубов.
За да ги привлечете вистинските луѓе, мора да се претставите успешно и во право светло. Шансата за онлајн познанства е огромна и треба да ја искористите на најдобар можен начин.
Затоа следете ги овие 8 совети ако сте убедени дека љубовта денес се раѓа онлајн:
1. Ништо не избрзувајте
Не очекувајте инстантно поврзување со личноста. Запомнете дека ви треба состанок во четири очи за да почувствувате дали има хемија.
Преферирајте откривање на информации, а не праќање на фотки. Ова е неопходно за да сфатите дали имате заеднички интереси со човекот со кој утре ќе излезете на вечера.
2. Одберете ја вистинската фотка
Како се претставување – такви луѓе привлекувате, толку е едноставно.
Ако сакате да привлечете партнер кој ќе види малку подлабоко под површината, одберете светла фотка на која сте сами, носите нешто едноставно и не претерано провокативно. Задолжително насмевнете се.
Експлицитните фотки оставете ги за подоцна, доколку врската успее.
3. Наполнете го профилот со интересни информации
Бидете чекор пред другите. Не бидете претерано строги, сериозни и мистериозни. Напишете нешто што ќе поттикне прашања и дискусии.
4. Покажете заинтересираност
Пишете му/ѝ. Во спротивно, ги губите шансите стопроцентно. Зошто да губите време и нерви на „дали ќе ми пише“?
Започнете со благ комплимент. Бидете отворени за комуникација и пријателски настроени. Поставувајте прашања и почнувајте позитивни теми. Бидете оптимисти.
Секако, следете дали истата заинтересираност ја добивате од другата страна. Доколку одговорот е да, не се плашете да го направите следниот чекор – покана за состанок во живо.
Доколку одговорот е не, најдобро е да прекинете со иницијативите.
5. Поканете го/ја на состанок штом почувствувате потреба
Не чекајте предолго. Одложувањето само може да ви ја уништи шансата.
Прво, ако ги исцрпите темите за дискусии преку чет, нема да имате за што да зборувате очи во очи. Второ, не знаете кој друг чека да ја зграби шансата.
6. Не планирајте сериозни активности пред да се запознаете
На пример, првото гледање не би требало да ви е на заедничко патување или друга активност во која зависите еден од друг. Секој треба да пристигне самостојно на состанокот, да си го плати својот дел (освен ако взаемно не се договорите поинаку) и да си замине самостојно.
Доколку се работи за личност од друг град/држава, сами испланирајте го патувањето, престојот и враќањето. Не зависете никако од никој друг.
7. Поставете ги сите прашања кои ве интересираат
Откријте колку повеќе можете на првиот состанок, пред да продолжите понатаму.
Сигурно не сакате да откриете дека тој/таа има 5 деца од минатите 3 пропаднати бракови после месец-два.
8. Не судете
Не бидете груби, отсечни и строги. Дајте си шанса и дајте му шанса на другиот. Постојат многу различни луѓе и карактери, потребно е само да ги запознаете подобро за да знаете дали ви одговараат или не.
Важно е да барате само две работи: љубов и разбирање.
М. Д. | Црнобело