Го обожава мајка ми, а јас не сакам да сум сама: 4 потполно погрешни причини за нова врска
Престанете да ја форсирате врската со личноста во која не сте заљубени. Џабе си го трошите времето. Срцето не може да се прелаже, па колку и да се убедувате во спротивното, порано или подоцна ќе сфатите дека тој не е вистинскиот.
А, ова се четирите потполно погрешни причини за нова врска:
1. Сите го сакаат.
Мајка ви го обожава, се здружил со мажот на најдобрата пријателка, а дури ни вашиот татко, кому ниту еден бивш дечко не му бил доволно добар, овојпат нема никакви замерки.
Кога самите не сме сигурни во некоја одлука, склони сме да ги прашаме ближните за мислење, или, пак, дури и да го преземеме нивниот став.
Но, ако помеѓу вас нема хемија или ви се чини дека немате ништо заедничко, не инсистирајте на врска, само затоа што на луѓето околу вас им изгледа како добра идеја. Тие нема да се будат покрај него, туку вие.
2. Ви импонираат неговиот успех и галантноста.
Можеби тој е успешен бизнисмен кој се обидува да ве придобие, опсипувајќи ве со луксузни подароци и вечери во најдобрите ресторани во градот. Или е познат спортист, покрај кого, кога сте во јавност, и вие се чувствувате како ѕвезда.
Не е тајна дека жените отсекогаш сакале моќни и успешни мажи. Само по себе, не е ни лошо што нечиј успех и способност ви импонираат. Меѓутоа, доколку тоа е единственото што ве привлекува кај него - грешите.
Бидејќи, верувале или не, дури и елитните ресторани може да ви здодеат. Па, што кога ќе ја изедете и дваесеттата порција шкампи и испиете дваесеттата чаша скап шампањ?
Доколку не ве фасцинира и личноста со која седите на вечерата, тогаш вашата среќа мошне брзо ќе ја замени чувството на незадоволство и празнина.
Да одите со некој кон кого ништо не чувствувате, само затоа што се слушнале дека е многу добар и верен, подеднакво неморално е како да се впуштите во врска со некој што е мошне добро ситуиран.
3. Се плашите дека ви отчукува часовникот.
Мноштво девојки си задаваат рокови уште во раните дваесетти. „Ќе завршам факултет до 25.“, „Ќе се омажам до 30.“, „Ќе родам две деца до 35.“ Но, животот е она што се случува додека вие сте зафатени со ковање планови.
И така, имате дваесет и осум години, а принцот на бел коњ никаде го нема? Ве фаќа паника? Можеби оној колега од факс со кого кратко излегувавте во прва година, и не е баш толку лош.
Па што ако ви се приспивало од неговите муабети, а смислата за хумор му е крајно чудна?! Сте наслушнале дека во меѓувреме станал успешен млад адвокат. Можеби би требало да му се јавите и...Лоша идеја!
После две средби, веројатно би дошле до истиот заклучок, бидејќи смислата за хумор не е нешто кое се развива со годините – или ја имате, или ја немате. Сакате ли навистина да го поминете животот со досаден работохоличар?
Се разбира дека не сакате. Заборавете на бесмислените рокови кои сте си ги поставиле пред милион години.
4. Не сакате да сте сами.
Некои девојки се незадоволни од соло статусот, бидејќи „единствено во врска се чувствуваат целосно исполнети“ или „чувствуваат длабока внатрешна потреба да се поврзат со некого на емотивен и телесен план“.
Но, има и такви кои на оваа проблематика не ѝ пристапуваат толку од сентиментална, колку од практична страна. Кога сте единствената девојка без дечко во својата женска екипа, тогаш лесно може да ви се случи саботната вечер да мора да останете дома, затоа што немате со кого да излезете.
Звучи површно, но кога би ја прашале една просечна сингл жена помеѓу 25 и 35 години, зошто ѝ е проблем да биде сама, веројатно тоа ќе го наведе како една од причините што најмногу ја нервираат.
Свесни сме дека не е нималку забавно да биде личноста на која ѝ треба еднокреветна соба на зимување со друштвото, но тоа не е доволно добар мотив да се впуштите во врска со некој во кого не сте вљубени.
Можеби идејата за врска ви се чини привлечна, но добро размислете дали ви е привлечен и оној со кого планирате да бидете во врска.
М. А. | Црнобело