Дали навистина постои љубовта?
Ми заѕвони телефонот, повторно приказна за раскинување... Неодамна и јас имав разделба по долгогодишна врска и тоа ме натера да се запрашам дали постои љубов... Постои ли? Зошто едноставно животот не доаѓаше со упатство за користење?
Саботно тмурно утро, врнеше дожд и имаше еден куп магла. На радио одеше една популарна песна, милозвучни ноти, прекрасен текст. Седев затворен дома, со чајот на работната маса и еден куп задолженија за тој ден. Си помислив добро е што заврна, барем нема да ми биде криво што мора да го поминам денот затворен внатре.
Го гледав спотот на песната, онака зимски, љубовен, со снег, со емоции, со сцени, филмски, кои понекогаш се случуваат и во вистинскиот живот, па така занесен ми летна мислата... Исчезнав од сегашноста и се изгубив во безредието во мојата глава, во тие испомешани мисли.
Колку може човек да се промени? Дали промената која настанала во мене, би му се допаднала на неискусното момче од пред три години?
Дали созревавме или годините кои изминуваа нè тераа да правиме грешки, непромислени, избрзани чекори? Зошто едноставно животот не доаѓаше со упатство за користење?
Заѕвони телефонот, повторно приказна за раскинување...
Можеби десетта овој месец, вклучувајќи ја и мојата (и јас неодамна се разделив со девојката). Дали навистина тоа беше период на разделби или навистина постоеше она народното „до тука било”?
Немав што да кажам, не беа тоа теми за по телефон, ја кажав онаа клише реченица, иако колку и да звучи смешно, верував во неа, „На крајот ќе биде сè во ред” и договорив кафе средба.
Сè уште зјапав во снегулките од спотот, во таа идила и хармонија на сликите од телевизорот.
Дали навистина постоеше љубовта?
Се прашував зошто како што луѓето излегуваа од врските, велеа дека тоа е само навика? Јас бев противник на таа теза, но и јас се почувствував на истиот начин кога се најдов во таква ситуација, дали навистина љубовта беше навика?
Можеше ли човек да престане да верува, да изгуби желба да љуби и понатаму сè да се претвори во една обична куклена игра со бесчуствителни тела, со лажни допири, насмевки, зборови, со лажни случки и луѓе, со лажен живот, само за да се натераш себеси и тие околу тебе да веруваат дека си среќен?
Зошто имав чувство дека она што го нарекуваа љубов како да постоеше само првите неколку месеци, додека да се навикнеш на човекот? Додека да сфатиш што сака од тебе, што сакаш ти од него... Да го спознаеш и да се навикнеш на неговата личност,а после беше едно секвенцијално повторување, сè со цел да почувствувате взаемна хармонија.
Дали ние љубевме или се навикнувавме?
Можеше ли човек лесно да се затреска и толку лесно да се одљуби или човек можеше лесно да се навикне и одвикне?
Дали навистина можеше секој со секого и секој без секого или постоеја одредени правила? Зошто некои луѓе секогаш ќе прават срцето да ви потскокнува без причина? Дали тоа е навика, психолошка состојба или необјаслив феномен наречен љубов?
Дали е можно по потрагата на материјални добра, сите тие гнасни игри, секојдневни интриги и лаги да ја изгубивме трагата на она што требаше да биде љубовта? Дали знаевме да сакаме искрено, да препознаме дека сме сакани? Да им дадеме можност на нештата, дури кога се изгледа невозможно, загубено и недостижно...
Како човек може да ја врати вербата во нешто, за кое си всадил мисла во главата дека не постои, поучен од раните кои му ги нанел животот? Дали бевме способни толку лесно да се навикнуваме, кога бевме натерани да се одвикнуваме толку често?
Секојдневието наметнуваше некоја чудна игра, ретко се стигнува до хармонијата која си ја замислил.
Дали треба секогаш да се туркаат границите за да се приближиме максимално до она што е зацртано во нашата глава или требаше да се помириме дека никогаш нема да најдеме подобро и да живееме со она што го имаме?
Се прекинуваа ли долготрајни врски кога нешто не е во ред или требаше да се остане во име на годините и она што беше насловено како љубов?
Никој не ни го даде упатството и можеби затоа се губевме на половина пат. Некои со љубовници, некои со погрешни партнери. Заслепени, осакатени од она што сакавме да го доживееме, заробени од чувство кое беше дискутабилно дали постои.
Додека траеше спотот, остануваше едно прашање да лебди во воздухот. Дали на крајната секунда од нашето постоење, ќе ни потскокне срцето затоа што некоја личност нè држи за раката?
Сите тие мисли беа премногу. Се напив од чајот и си помислив, некои поими едноставно ќе останат теореми кои едноставно нема да го доживеат својот доказ.
Имаше луѓе кои нема да бидат ништо, онака без причина.
Имаше луѓе кои исто така беа нешто, онака без причина.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело / фото: depositphotos.com