9 причини поради кои ќе се омажите за погрешната личност

Притисокот започнува да игра чочек со вашите нерви. „Кога ќе се мажиш, ајде свадба, кога планираш да раѓаш, не си во цутот на младоста...“. Ги слушате постојано овие зборови, секогаш, секаде.

9-pricini-poradi-koi-ke-se-omazite-za-pogresnata-licnost-01.jpg

Се чини дека не може жена да избега од љубопитни роднини, настојчиви родители и баби и дедовци кои ве уценуваат дека ора да заиграат едно оро пред да го напуштат овој свет. Во главата ви врие, уморни сте од испрашување, негодување и луѓе кои ви досадуваат по ова прашање. Имате чувство дека од самиот збор мажачка ќе повратите.

Доколку се пронајдовте барем малку во оваа група, следуваат 9 реални причини поради кои може да потклекнете и да се омажите за погрешната личност:

Осамени сте

Сосема е можно да се омажите за погрешен човек доколку сакате да ѝ избегате на една мала моќна состојба наречена осаменост. Едноставно доаѓаат периоди во животот на секоја жена кога нималку не е забавно да се биде сингл. Поголемиот дел кои ги познавате веќе се скрасиле со маж, дете, кученце, саксиско растение и 2 кредити, а вие се мислите дали да порачате трет Лонг Ајленд.

Во таа бура каде што се мешаат чудни емоции одеднаш добивате силна желба и вие да бидете покрај некого. И вие да создавате дом и вие да бидете нечиј жирант за кредитот.

Под притисок сте

Веќе споменавме – родители, постари и поискусни браќа и сестри, роднини и безгрижни комшивки кои дежурно квачат пред влезот. Сите се некако загрижени за вас. Ајде, ајде, времето поминува додека да трепнеш. Не се подмладуваш, часовникот ти отчукува, јајце-клетките ти умираат полека.

Ти кариеристка да не сакаш да бидеш? Побрзај со мажачката затоа што ќе се покаеш, слушај ме ти мене (вообичаено советите доаѓаат од личности кои најмалку треба да ви „солат“ памет за брак, тргнувајќи од нивните неуспешни брачни потфати).

Не слушате никого

Понекогаш оваа загрижена толпа која очигледно премногу сака да касне пирошка и торта што е можно поскоро, има навистина добри намери. Сака да ви пронајде дечко кој ќе стане (дај Боже) потенцијален сопруг. Па ви предлагаат неколку момчиња со кои би излегле барем на едно кафе, а вие сите ги одбивате без да им дадете шанса на нивните стројнички способности.

Од друга страна, може самите да пронајдете партнер кој е апсолутно погрешен за вас, но дури и тогаш не обрнувате внимание на туѓите коментари и не слушате никого.

Не ги искажувате своите чувства

Домашните на шега ве нарекуваат конзерва, фрижидер, ладна. Тоа е затоа што скоро никогаш не ги искажувате своите чувства. Човек тешко може да процени кога сте лути, разочарани или кога ви е најтешко. Затоа и кренале раце од вас па не ви ја нудат својата помош.

Вистината е дека на сите ни е потребен некој кој ќе нé сослуша, ќе ни даде совет и поддршка кога ни е потребно.

Се мажите од погрешни причини

Сакате да избегате од дома. Сакате поголема финансиска стабилност и независност. Сакате дом кој ќе го уредите по своја мерка, сакате дете. Сакате свадба бре, да се дотерате и вие во бело и да се изнаиграте. Сакате зелен картон, сакате да се преселите во друга земја.

Честитки, ги набројавте сите погрешни причини поради кои е можно да запливате во брачните води.

Среќата не е во бракот

Мора да звучи шокантно за сите кои се колнат во брачната институција, но бракот не е ништо свето. Бракот е за оние што вистински го сакаат тоа и се ментално подготвени за предизвикот. Има и луѓе кои едноствано не се скроени за брачна заедница и тоа е сосема во ред.

Никаде не пишува дека е задолжителен и дека мора да се случи по секоја цена. Голем дел од работите кои ги посакува секој од нас – дом, дете, може да се случат и без потпис во матично.

Им давате предност на површни карактеристики

„Тој е згоден, има прекрасни тиркизно-сини очи, бели заби и убава насмевка, која не би сакала да биде со него?“ За почеток, немате 15 години па овие карактеристики да ви бидат од пресудна важност. Не попусто се рекло дека убавината привлекува, но карактерот задржува.

Не бирајте партнери врз исклучиво врз основа на физичкиот изглед, длабочината на џебот или неговото влијателно презиме. Бирајте човек на кого може да се потпрете, со кој знаете дека ќе изградите стабилна иднина.

Се брзате

Конечно ве стигна притисокот од најблиските, околината, општеството, гинекологот. Еве ја, старата мома, пресушена, јалова жена која ќе остане сама на векот, со 10 мачки или ќе храни гулаби по парковите. Време е за мажачка и бирање покани, само нека помине побрзо за да не морам да ги слушам сите.

Не се познавате доволно себеси

Не постои одредена возраст на која може да кажете – знам точно сé што треба да знам за себе. Вистината е дека секојдневно откривате мало делче од себе до крајот на животот. Но, кога сте решение да се омажите за некого, треба точно да знаете што сакате од животот, од себе, од другата личност. Не брзајте да се омажите за некого кога нималку не се познавате себеси.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Врска со постар маж или постара жена - Кои се предностите, а кои недостатоците? Постарите мажи не сакаат игри и ќе се трудат да ве заштитат од лоши искуства. Но...
„Се договараме да имаме секс, па некој заспива“ – Србинки за сексуалниот живот по 9 години брак (18+... „Обично и двајцата сме толку уморни, што некој заспива пред телевизорот. И кога ...
5 причини зошто и животот без партнер може да биде убав Нема да се расправате со некој зошто ги оставил чорапите на подот, а и никој нем...
„По трауматичното детство и загубата на синот станав зависничка од секс – Како се чувствував секојпа... „Она што беше различно кај мене беше тоа што јас не го користев сексот за задово...
4 мали лоши навики што создаваат големи проблеми во бракот Дали кога ќе си дојдете од работа, ја фрлате облеката на подот и чекате партнеро...
Прашувам за пријател: Мојот нов дечко не знае дека имам дете – како да му кажам, а да не ме остави? „Проблемот е во тоа веќе двапати бевме на состанок, а јас не сум му кажала дека ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg