Совети за брак од разведен маж: Простувајте инстантно, не ја поправајте, ниту обвинувајте
Очигледно, не сум експерт за љубов и врски. Но, има неколку работи и лекции кои ги научив откако мојот развод беше финализиран оваа недела.
Откако ја изгубив жената која ја сакав и бракот во кој бев речиси 16 години, можам да ви дадам неколку совети:
1. Никогаш не престанувајте со додворување
Одете на состаноци. Никогаш не ја земајте сопругата здраво за готово. Кога ја запросивте, ветивте дека ќе го чувате и штитите нејзиното срце. Таа ви верувала и ве одбрала вас. Никогаш не го заборавајте тоа и никогаш не бидете мрзеливи кога се работи за љубов.
2. Штитете го своето срце
Сакајте се себеси, сакајте го светот и имајте барем едно место во срцето до кое може да допре само вашата сопруга.
3. Заљубете се одново и одново
Константно ќе се менувате, во текот на целиот живот. Нема никогаш да бидете истата личност како денот кога се запознавте или венчавте. Промените ќе дојдат и вие треба да се прилагодите на нив. Секој нов ден одбирајте да ја сакате сопругата. Таа не мора да остане со вас, ако не го правите тоа.
4. Секогаш гледајте го најдоброто во неа
Фокусирајте се на она што го сакате. На она што може да се прошири во нешто уште поголемо и поубаво. Фокусирајте се на најдобрите работи во неа до моментот кога ќе сфатите дека сте најсреќниот човек на светот.
5. Не е ваша работа да ја поправите
Ваша работа е да ја сакате без исклучоци и промени. А, ако се промени по нејзина желба, тогаш научете да ја сакате одново.
6. Бидете одговорни за сопствените емоции
Вашата сопруга нема работа да ве направи среќни и не може да ве направи тажни. Ваша задача е да ја пронајдете среќата и да научите да уживате во задоволствата кои животот ги нуди.
7. Никогаш не ја обвинувајте
Таа не е виновна за вашите фрустрации и лутина, создадени од други полиња во животот.
8. Дозволете ѝ едноставно да дише
Кога е тажна или лута, не е ваша работа да ја поправате, бидејќи во тие моменти ќе добиете бура од емоции и по некој непромислен збор. Важно е да сте тука, да не избегате, но важно е и само да слушате. Без никакви дополнителни коментари.
9. Бидете будалести
Не го сфаќајте животот толку сериозно. Смејте се. Испровоцирајте насмевка и од неа.
10. Хранете ја нејзината душа секојдневно
Научете што ја тера да се чувствува сакано и правете го тоа често. Важно е да ја храните со признанија, ценење и љубов.
11. Бидете присутни
Дајте и го своето време, вашиот фокус, вашето внимание и вашата душа. Направете што и да треба за да и докажете дека сте со неа и не одите никаде. Третирајте ја како што го третирате највредниот клиент од кој живеете. Бидејќи таа е исто толку важна, помножено со милион.
12. Научете да ја задоволите и сексуално
Научете како да ја искористите машкоста и силата која ви е дадена за да ја направите среќна и физички. Дозволете ѝ нејзината женственост да се растопи пред вас.
13. Не бидете идиоти (извинете)
Факт е дека ќе бидете непромислени и ќе направите неколку грешки. Потрудете се тие грешки да не се од животно значење и да не се повторуваат. Никој не е совршен, но никој не би требало ниту да е глупав.
14. Дајте ѝ простор
Жената е научена да се вложува, затоа и треба време кога ќе си ги наполни батериите. Тогаш, едноставно одлетајте подалеку. Ќе видите дека кога ќе се вратите ќе видите поинаква убавина. Ова посебно важи ако имате деца. Потребно ќе ѝ биде време за да се пронајде себеси по целото тоа услужување на вас и вашите деца.
15. Бидете кревки, ранливи
Не мора секогаш да бидете силни. Споделете ги стравовите и емоциите, но и грешките.
16. Бидете отворена книга
Ако сакате целосно да ви верува, мора да бидете отворени и транспарентни. Ќе ви биде потребна храброст, но ако ѝ ја покажете вашата темна страна, верувајте дека таа ќе се претвори во светлина.
17. Не престанувајте да растете заедно
Не дозволувајте да атрофирате како личности. Пронајдете заеднички цели, соништа и визии кон кои ќе се движите и со тоа ќе станувате подобри личности.
18. Не бидете претерано загрижени за парите
Парите се една лоша игра, во која мора да сте тим ако сакате да победите. Никогаш не е од корист ако соиграчите се караат.
19. Простувајте инстантно
И фокусирајте се на тежината која ви ја носи иднината, а не минатото. Не дозволувајте да бидете робови на минатото. Простувањето е ослободување.
20. Секогаш одбирајте љубов
На крајот, ова е единствениот совет кој вреди и ви е потребен. Бракот не е „си живееле среќно до крајот на животот“. Бракот е напорна работа, обврска, комуникација, инвестиција. И најважно - мора да верувате дека таа инвестиција е долгорочна, па речиси и вечна.
М. Д. | Црнобело