Љубовта е секс, но и галење и апстиненција...
Љубовта, слично како и прашањето што се случува откако ќе умреме, останува вечна мистерија.
Песни, романи, филмови и поеми посветени на најсилната човечка емоција, и сè уште не можеме да пронајдеме конкретен и точен одговор.
Некои велат дека се виновни феромоните и љубовта не е ништо повеќе од обичен хемиски процес. Други убедуваат дека е навика, трети дека е непостојана и минлива, четврти дека е непотребна и преценета...
Па што е љубов? Има ли некој да го гукне точниот одговор? Кој пријател да го повикаме на помош?
Вистината е дека секој од нас поинаку ја поимува љубовта. За некого тоа се славните пеперутки во стомакот, проследени со силно пулсирање на срцето и недостаток на здив и плунка.
За некого љубовта е постојано, стабилно, сигурно чувство лишено од адреналин и неизвесност.
За мене можеби врвен љубовен чин е песна која ти ја посветил саканиот, за друг многу веројатно е дека тоа е смешно или патетично.
Тоа што јас го сметам и доживувам како љубов, не мора да важи за тебе и обратно.
За одредени парови љубовта е гледање филмови и сериички и бескрајни дискусии за истите, за некои искачувањето на планина е љубов.
Љубовта е спонтана, но може да се пронајде и на договорен состанок.
Љубовта е дом и семејство, но таа може да биде и номадско крстосување низ светот.
Љубовта е гламурозна свадба, но некогаш е и живот со партнерот без озаконување на врската.
Љубовта е секс, но и галење и апстиненција. Љубовта е торнадо и мирно пловење.
Некои ја слават љубовта бурно, други пак посмирено. Некои се експресивни и не можат да ги сопрат емоциите, а дел грижливо си ги чуваат, подалеку од сечии очи и уши.
Но, тоа не значи дека некои се сакаат помалку или повеќе. Едноставно – се сакаат различно.
Си нашле што им одговара и тоа е веројатно најфината работа на светот.
На крајот од денот не се важни дефинициите и теориите за љубовта.
Важно е дека сте ја пронашле онаква каква што вам ви одговара и ве прави среќни.
Немате потреба да се докажувате дали е правилно или погрешно, бидејќи не сме сите од истиот калап.
Мојата и твојата перцепција се различни, важно е да сакаме и да бидеме сакани.
(О)Милена | Црнобело