Ќе разговарате со мозокот на вашиот партнер, не со неговиот задник
Дали додека го замислувате човекот на вашиот живот му давате атрибути како згоден, висок, атлетски граден, со зелени очи, долги трепки, црна коса? Можеби е малку арогантен, љубоморен, вози мотор или спортски автомобил со 2 врати?
Доколку одговорот е ДА, а имате над 20 години, време е да престанете да се залажувате и да се трескате од земја, бидејќи не сте веќе во средно кога можевте да понудите вакви смешни одговори на прашањето – Каков дечко бараш?
Да признаеме, убавината игра мала улога, бидејќи таа е оној сегмент кој привлекува на прв поглед. Сепак, убавината е субјективна работа – некој што мене ми е целосно привлечен и секси, тебе може да ти е најгрд на светот и обратно. Баба ми велеше – Можеш ли да ги земеш моите очи за да видиш што гледам јас со нив?
Реалноста е дека физички привлечната личност додава мал плус во листата на квалитети кај човекот кој го барате покрај себе, но никогаш нема и не треба да биде пресудна.
Затоа што таа избледува, затоа што е минлива, затоа што размислувањето е плитко и површно и сите кои барате партнер заснован исклучиво врз критериумот убавина и привлечност, треба да се запрашате што не е во ред со вас и зошто сте несреќни.
Да, не постојат само две категории луѓе – добри и грди и карактерно лоши, а физички прекрасни.
Поентата е дека предноста треба да се даде на карактерот, затоа што тој задржува на крајот од денот. Ќе разговарате со мозокот на вашиот партнер, не со неговите мускулести раце.
Ќе ја планирате иднината со неговите ставови и карактерни црти, не со неговиот мотор или цврстиот задник.
Ќе живеете со некој кој е паметен, пожртвуван, нежен, но истовремено стабилен, културен и воспитан човек кој ќе ве почитува или изборот ќе го засновате врз бојата на неговата коса, длабочината на гласот и должината на.... трепките?
(О)Милена | Црнобело