Оди биди среќен - истото и јас ќе го направам...
Те сакам, сега сфаќам. Нема друго објаснување за сето ова што ми се случува. Што се тресам секојпат кога ќе ти го чујам гласот, што ме обзема топлина кога ќе го чујам твоето „Сакам да те видам“.
Веројатно затоа ти простував, веројатно затоа сакав да се јавиш, а ти не се јави. Време е да кажеме крај. Јас кажувам крај и тоа дефинитивен. Не можам да се поднесам ваква. Не можам тебе да те поднесам, а искрено не ни сакам.
Ова се чувства, проклети како таа вечер, како тој ден. Како твојот коњак и моите мастики. Како моите погледи во темница и твоите допири на светлина. Проклето, проклето, проклето. Сѐ што допревме проклето стана, секој збор што го изустивме проклет стана.
Не сакам да ми биде вака, не сакам да пишувам и солзи да капат по тастатурава. Не сакам да слушам тажни песни. И најважно, не сакам да бидам со тебе. Бидејќи јас она што го сакам е премногу различно од она на што ти си способен.
Не сме еден за друг. Никогаш нема да бидеме.
Премногу забегавме во еден свет кој нѐ проголта двајцата. Сакам да се вратам. Сакам да се вратам дома, не сакам да бидам овде. Ужасно е чувството да те сакам. Ако воопшто и те сакам.
Ужасно е чувството да се прашувам каде си и зошто не си со мене. Затоа што го знам одговорот. Затоа што боли. Затоа што си молчам. Затоа што ова ќе си го молчам засекогаш. А, ти никогаш нема да дознаеш и никогаш нема да ти кренам телефон повеќе.
Не заслужуваш. Не заслужуваш некој толку добар како мене. Не заслужуваш девојка што ќе се грижи за тебе, што ќе те гледа како да си најважниот елемент во нејзиниот живот и што ќе ти посветува песни и текстови.
Заслужуваш некоја студена како тебе. Некоја што ќе те натера да ја сакаш затоа што е дрска, безобразна и затоа што може сама да се грижи за себе и не ѝ е потребен никој.
Те молам оди и не барај да ми се вратиш никогаш повеќе. За мене да не ме боли. Бидејќи секојпат ова што го правиме станува сѐ поболно и поболно.
А, ништо веќе не е исто. Многу работи се случија, а не требеше. Претеравме двајцата.
Верувај ми дека се мразам што сум ваква. Што не сум од тие силните сами што трпат сѐ, што на целиот свет морам да му раскажам за мојата болка.
Што сите мора да знаат како се чувствувам. Јас и ти никогаш нема да успееме, а не ни треба.
Оди и биди среќен, истото и јас ќе го направам.
С. С. | Црнобело