Сексот не е лепак со кој ќе го натераш да остане!
Во животот најмногу мразев да ги гледам солзите на луѓето за кои имав посебно место во срцето, особено кога нивната ситуација беше таква да јас немав начин да помогнам. Ми се кинеше душата да ги гледам како плачат, но едноставно тоа беа нивни грешки од кои мораа да научат и тоа беа нивни постапки за кои требаа да најдат сопствено решение.
Беше работно понеделничко утро, се сеќавам дека го пиев утринското кафе кога звукот од телефонот ја расипа таа понеделничка работна атмосфера. Добив повик од блиска личност која ме викаше на попладневно кафе, тоа беше повик на очај, бидејќи беше проследен со солзи на очите. Ги чувствував дека беа болни дури и преку телефон.
Дента не сработeв ништо, размислував за разговорот и попладневното кафе, имав милион сценариjа и приказни кои го објаснуваа тој повик. Кој знае која од нив беше точна.
Се сретнавме во 4 часот и седнавме на тивко, непознато место, на вториот кат од кафулето, во левиот ќош за полесно да ги проценам нејзините солзи. Ме болеше душата што ја гледав како плаче, а таа само се потпре на моето рамо и дозволи целото зло да излезе од нејзиното тело.
„Знаеш колку го сакам. Знаеш дека жртвував сѐ, се откажав од се што му пречеше него, се оддалечив од сите, само за да бидам со него. Си го посветив целиот мој живот за да ја добивам неговата љубов. Се што створив,се што имав, вложив за да живеам со него...
А знаеш ли што добивам, само страст, запалени емоции во креветот, една игра која секојдневно го држи до мене, како да не знам да сакам или како тој да не знае да сака.
Не знам што е разумно, а што не, за да го имам него, јас неспособната знам само да водам љубов со него, сите други идеи и планови ми пропаѓаат во вода. Како љубовта по која копнеам да не постои” - се стутка во моето рамо, во обид да ги запре солзите.
„Кога те гледам така, а знаеш дека те гледам како помалата сестра која никогаш ја немав, се распаѓам како јас да сум оној кој пати. Затоа треба да запомниш една работа, сексот не е направа со која ти можеш да го држиш крај себе, тоа не е лепак кој ќе го натера него да остане. Тој треба да се случува каде што има љубов, взаемно почитување и разбирање.
Зарем ти сакаш да го заложиш своето тело само за да задржиш некого крај себе ?
Оној кој ќе ги цени твоите жртви, оној кој ќе се восхитува на твојата посветеност и ќе знае да ги негува и цени твоите чувства, тоа е човекот кој ти треба. Ти не се обична проститутка за да бидеш со некого само затоа што го сакаш, а тој го сака сексот со тебе.
Зарем не сфаќаш дека на некој начин си искористена ?
Никој не го заслужува тоа, ниту ти, ниту било кој друг на овој свет. Понекогаш дури и се чудам како работи тој женски мозок. Зошто да се подложиш на такво страдање само заради твојата заљубеност во нешто што воопшто не посоти ?
Мајка ми знаеше да каже кога не се чувствуваш среќен, бегај, без двоумење, бегај. Затоа тоа е советот кој јас ќе ти го дадам. Не се обидувај да имаш таков човек крај тебе и врска во која копнееш по љубов, асе сведува само на секс. Така нема никогаш да имаш исполнет живот, туку едно страдање кое ќе те прави несреќна. Затоа пред да биде доцна, бегај од таму... “ Ја прегрнав, обидувајќи се да и ја испијам тагата.
Останавме така во заемна прегратка како што правевме секогаш кога ќе ни стежнеше на душата, убаво е да имаш луѓе кои се секогаш тука за тебе.
Нејзината приказна ме натера повторно да размислувам за злобата, лицемерието, искористувањето на луѓето како да се обични предмети. Нејзината приказна беше приказна на секојдневието.
Се прашував дали другите ќе го добијат тој совет да избегаат или ќе останат да ја бараат љубовта, на места каде што таа не постои?
Н. Буџак | Црнобело