Тајната за среќен брак од една баба
Си живееле некогаш еден дедо и една баба, веќе во поодминати години, после долг и среќен брачен живот...
Тие ги споделувале меѓу себе сите тајни и искуства, но постоело едно нешто кое бабата уште од првиот ден кога стапиле во брак побарала да остане само нејзина тајна: таа побарала од дедото никогаш да не ја отвора старата кутија од чевли која таа ја чувала под креветот.
Дедото никогаш не прашал што има во кутијата и ја почитувал нејзината одлука. Мислел дека во неа има некакви женски работи, нешто кое бабата се срами да го сподели со него.
Еден ден таа се разболела. Набрзо нејзината состојба се влошила и таа побарала од дедото да ѝ ја донесе кутијата во болницата, кажувајќи му дека е време тајната да биде откриена.
Дедото дошол дома, ја зел кутијата и ѝ ја донел на бабата. Кога таа ја отворила видел дека во неа има само две плетени кукли и многу пари.
„Но како?! Зошто?“ - збунето ја прашувал, гледајќи толку многу пари пред себе.
„Пред да се земеме“ - почнала да му објаснува бабата на вчудоневидениот дедо.
„Баба ми ја кажа тајната за среќен брак. Таа се состои од само едно правило: никогаш не се расправај со партнерот. Секогаш кога ќе те налути и ќе сакаш да се караш со него, седни и сплети една кукла“.
Срцето на старецот затреперило при тие зборови - во кутијата имало само две кукли. Во текот на 50-годишниот заеднички живот, се чинело дека тој ја налутил жена си само двапати. Со солзи во очите нежно ја гушнал и бакнал бабата.
„А од каде излегоа сите овие пари?“ - прашал зачудено.
„Ох, да...“ - рекла бабата со насмевка, „тоа се парите кои ги заработив од куклите што ги продадов...“.
М. С. | Црнобело