Душо, не ме интересира што ти се случува во главата сè додека тоа во панталоните ти стои мирно
Отсекогаш се прашував што се случува во главата на мојот сопруг, всушност отсекогаш сакав да знам што се случува во машката глава и зошто секогаш жените доаѓаа како поневажни во нивниот спартански свет.
Никогаш не се согласив и никогаш не се обидував да влезам во дискусија на таа тема, потајно го ткаев својот силен аргумент, чувајќи го за моите славни 5 минути.
Тој ден требаше да одиме на вечера, немаше никаква посебна причина, едноставно тоа беше понеделничка вечера која нè правеше да се потсетиме на старите денови кога бевме сосема млади и безгрижни. Ја облеков белата кошула, ја врзав косата цврсто во репче, ја закопчав тесната канцелариска сукња, која знаев дека го излудува, ги откопчав првите две три копчиња на кошулата и го ставив ланчето со црвен кристал кое тој ми го подари.
На целата таа комбинација додадов кратки чизми со штикла и црвен кармин. Се облеков како да ме замислувал, креирајќи ја неговата сексуална фантазија и отидов да го соберам, работеше втора смена во понеделниците.
Кога стигнав таму, рака на срце, заборавив иако ми кажа - тој имаше нова колешка. Занесено и објаснуваше како функционираат работите и кои се нејзините задолженија, бидејќи неговиот постар колега замина во пензија.
Морав да признаам таа изгледаше беспрекорно. Млада со убав тен, сигурно посетувала солариум, коса фатена во пунџа и испуштени две шишки од двете страни, црни наочари со рамки, витко тело, скоцкана од глава до пети, сето тоа ја правеше повеќе од неодолива. Иако бевме исти род морав да признаам, таа изгледаше навистина секси.
Не влегов внатре за да не ги прекинувам, набљудував од прозорот во ходникот, гледајќи како моето мачо маженце се поти во нејзина близина. Му го гледав тој поглед на посакување и се смеев потајно, не дозволувајќи никој да ја забележи таа моја детективска игра. Тој час ќе се збунеше, час нешто ќе погрешеше обземен од сексуалната тензија која владееше во собата, а потоа двајцата ќе се насмееа.
Откако се сврте и виде дека стојам во ходникот, веднаш се упати таму, добивајќи уште повеќе црвенило на своето лице и уште неколку капки пот.
„Ооо, инструкторе, како оди со новата колешка, гледам баш пријатно си работите, да не сакате да ја одложите вечерата со вашата сопруга можеби за утре? “ му реков зајадливо со сигурен тон.
Кутриот почна да се спреплетува уште повеќе, во обид да даде објаснување на ситуацијата која беше јасна. На многу жени им беше јасна таквата ситуација, но некако не сакаа да признаат дека нивните мажи често се загледуваат во градите на сосетката од првиот кат или фантазираат за облините на продавачката во првиот маркет.
Јас не гледав така на работите. Мене ми беше важна неговата љубов и неговата верност, а кога зборував за верност мислев на она што треба да припаѓа само и само на оние двајца кои се во длабока интимна врска во која чувствата се вистинскиот фактор за создавање на една таква поврзаност.
„Злато, дозволи ми да ти раскажам, дека не е онака како што мислиш, само пробував најстручно да објаснам, не е како што изгледа,“ продолжи тој да ме смирува иако воопшто немаше потреба.
„Љубов моја, нема зошто да ми објаснуваш за она што се случи или што се случува секогаш кога јас сум отсутна. Сè додека она што се случува во твојата глава, а притоа го возбудува она што ти е во пантолоните, а тоа останува таму внатре, јас нема да се грижам. Во првиот момент кога ќе дознаам дека го напуштил своето скришно место, за да претрча во прегратките на некоја друга, тогаш ќе имаш многу голем проблем.
Да не заборавам да споменам дека твојата колешка е дефиниција за секс бомба, во тоа морам да се согласам. А сега оди и доврши го своето предавање, пумпајќи го своето машко его. Мене не треба да ми објаснуваш, сè додека ти верувам и сè додека ти не ја изневериш таа доверба, можеш да имаш по некој мал флерт. Сите го прават тоа нели?“
Се насмевнав, од срце искрено, намигнувајќи му на мојот сопруг кој замина да ја доврши обуката додека јас размислував во својата глава.
Како можам да му судам, зарем мене не ми се случило да се насмевнам со флерт на докторот кој го посетував еднаш на два месеци или да замислам како изгледаат мускулите на тренерот од теретаната кога тој е сосема гол.
Но, тоа беше нешто што се викаше издувен вентил од секојдневието. Сите го имаат, би било нелогично доколку не постои. Не можев да го каменувам кога и мене ми се случуваа тие работи потајно, сите ги имаат тие моменти само се срамат да признаат.
Мене ми беше важно тој да ме сака и почитува, а пред се да не ја изневери нашата доверба. Знаев дека во близината на успешен и добар човек секогаш ќе има привлечни жени кои можеби ќе го излудуваат, но се додека ме имаше мене која знаев како да го правам среќен, да го сакам и почитувам, на истиот начин и тој ќе ме сака и почитува. Без дополнителни драми, без грам љубомора.
На тој начин, тој како и јас ги задржуваше тие моменти на покажување машкост, но исто така го чуваше мирно она нешто во пантолоните. На тој начин двајцата уживавме во нашето заедничко патешествие наречено живот, без никакви притисоци...
Н. Буџак | Црнобело