Ти никогаш нема да знаеш колку боли...
Луѓето никогаш нема да сфатат дека емоционалната болка е онаа која останува тука дури и кога мислиш дека поминала.
Некако како да забораваат дека тие лузни нема да се излечат дури и ако поминале вечности. Колку и да сакав да сфатам никогаш не можев да ја разберам потребата да се игра со нечии чувства и додека јас не пронаоѓав забава, другите како да уживаа во таа игра.
Ја носев торбицата во левата рака пребројувајќи во главата дали сум ставил сè што треба и брзав на автобуската станица за да купам билет и конечно да добијам заслужен одмор и покрај тоа што одморот ќе траеше само два дена.
Застанав на шалтерот и учтиво побарав карта за да го остварам викендот кој долго го планирав. Госпоѓата на културен начин и со цинична насмевка ми кажа дека во последниот автобус немало место, сите карти биле продадени.
Беше седум часот навечер, јас бев сам на автобуската, со торбица во раце, без карта и желба за совршено викенд патување. Ако некој можеше да ме фотографира во тој момент ми се чини дека бев пострашен од налутена зверка на полноќна месечина во студена ноќ.
Застанав на излезот во очаен обид да го најдам возачот за да го запрашам дали ќе може да се возам стоечки. Иако не ми беше мило што ќе мора така да започне планираниот викенд, сепак тоа беше единствено решение. Кога излегов пред мене видов девојка некаде на дваесетина години, падната на своите коленици. Плачеше врз својата торба, си помислив, зарем денес сите останавме без карта?
Застанав за да ја прашам што се случило, ја крена главата нагоре и проба да се прибере пред да ми одговори, се срамеше што некој ја забележа нејзината состојба. Седна на плочките, ја видов жедта за разговор во нејзините очи и седнав до неа.
„Зошто една прекрасна девојка со баретка на главата би плачела во петок навечер?“ - ја запрашав, забележувајќи дека таа во рацете држи два билета.
„Ако почнам да ти раскажувам на долго и на широко ќе го испуштиш автобусот“ - рече девојката бришејќи ги солзите.
„Со оглед на тоа дека дојдов половина час порано, а не купив билет, бидејќи немаше и треба да чекам на милост и немилост на возачот, имам доволно можности за да го исполнам времето кое мислев дека ќе биде досадно. Јас ќе добијам тема за размислување, а ти ќе си ја олесниш душата“ - ја убедував, додека потврдно кимаше со главата.
„Знаеш дека ние луѓето секогаш сами сме виновни за работите кои ни се случуваат. Најчесто знаеме во што се впуштаме и кои се крајните резултати, тогаш боли, но барем си очекувал. Но, што кога некој ќе си поигра толку гнасно со тебе што за момент ќе посакаш да не си живеел?
Јас го сакав него со цело мое срце, не можев да се замислам во ничија прегратка, а тоа да не е неговата. Моиве усни и моето тело патеа само за еден допир, неговиот. Сите соништа ми беа поврзани со она што го имавме ние. Не знам дали тој некогаш би можел да сфати, но тој мене ми беше сè. Проблемот во таа моја романса е што јас или бев слепа или не сакав да видам нешто што отсекогаш беше сомнително.
Одеднаш како сета таа идиличност, моја наивност и детска заљубеност да се претвори во кошмар. Купив карти за да одиме на викенд заедно, тоа беше мое изненадување за крајот на семестарот. Убав одмор ќе биде тоа, ќе го запознаам повеќе, си мислев.
Но, јас го запознав уште пред да тргнеме. Требаше да се чекаме тука во пет часот и триесет минути. Место неговата насмевка и неговото присуство до мене кое ме правеше да си го заборавам името, еден бакнеж во кој ќе се изгубам целосно, јас добив телефонски повик.
Во тој телефонски повик, тој ми објасни дека цело време имал некоја друга. Официјална девојка, додека јас очигледно бев неофицијалната. Можеш ли да замислиш кои измешани чувства ги имам сега во себе? Го колнам денот кога го запознав и часот кога дозволив да влезе во мојот живот. Ја мразам таа негова игра од дното на душата. Нема да престанам да плачам, дури и кога солзите ќе пресушат, душата ќе ми плаче. Бидејќи нема поголема болка од болката да живееш во лага. Но, ќе помине...“
Ја запрашав каде оди и за каде се билетите, го кажа името на градот, но рече дека нема да оди. За моја среќа тоа беше истиот град каде што требаше да стигнам и јас.
„Не девојко, ти ќе одиш, како што кажа имаш причина да славиш, успешно си го завршила семестарот. За картата од дотичниот ќе добиеш надоместок, бидејќи јас немам карта, со задоволство ќе ти ја купам, а згора на сè ќе имаш пријател за викендот, бидејќи јас патувам сам. Емоционалната болка ќе биде тука, можеби никогаш нема да исчезне, но ако ме прашуваш мене и не треба да исчезне, бидејќи треба да те потсетува низ што сè си поминала. На тој начин ти ќе бидеш посилна и секогаш ќе те потсетува колку навистина можеш да издржиш. Избриши ги солзите, со текот на времето ќе видиш за што сум зборувал.Ти си силна, посилна од што можеш да замислиш. А, сега да видам насмевка на твоето лице, не се оди на прекрасен викенд со солзи“.
Девојката гледаше збунето, но не се противеше на мојата идеја. Ја платив картата и изнудив мала насмевка на нејзиното лице. Некаде длабоко во мене јас се чувствував повредено од таа игра со чувства. Но, како што и кажав неа, а во тоа и сам верував, кога еднаш ќе се изгориш, наредниот пат ќе знаеш како да ракуваш со огнот.
Можеби тоа е она кое нè тера да не ја заборавиме таа емоционална болка, можеби тоа е она што ја тера да остане засекогаш. Потребата постојано да не предупредува за да не ја преживуваме одново и одново. Таа е нашиот пехар за нашатата огромна издржливост.
Н. Буџак | Црнобело