Како да го зачувам кога не знам што сакам од овој човек?
Главната улица низ градот беше речиси празна. Се чувствував празно, осамено... Само штотуку поставените новогодишни сијалички на дрвјата малку ми ја топлеа душата.
Се обидував да одам по замрзнатите плочки без да се лизнам. Размислував дека така е и во животот, без разлика кое годишно време е... Дека треба да внимаваш каде одиш и како чекориш за да не се лизнеш и да не паднеш. Одеднаш, некој човек ме фати под рака. Ми се намсевна и ми рече:
„Ајде, заедно со мене. Веројатно многу е тешко да одиш со тие високи потпетици по мразот.“
Пфф, знаел тој што е тешко. Не знаеш. Верувај ми дека не знаеш, дека не сакаш да ми бидеш во кожата, уште помалку во моите чевли.
Продолживме да пешачиме по долгата улица. Јас, потпирајќи се на него за да не се лизнам, тој не ја симнува насмевката. Ми предложи да пиеме чај. Ајде, ми рече, да влеземе овде, да се стоплиме.
Наеднаш пред очите мајка ми... Со непознат човек да не одиш никаде, не разговарај, не прифаќај ништо.
По ѓаволите, си реков, денес е денот кога ги прекршувам сите прифатени правила и норми на однесување. Влеговме во најблискот кафуле и седенката траеше се до доцна во ноќта. Ме испрати до дома, баш како вистински џентлмен.
Пиевме чај во истото кафуле, секоја вечер. Од чај преминувавме на виски, некако повеќе топлеше. За неколку недели, јас бев неговата малечка, неговата принцеза...
Сега, иако среќна во новата врска се прашувам како да го зачувам?
Јас, која никогаш не успеала да зачува маж повеќе од еден месец поради инает?
Како да го зачувам кога не знам што сакам од овој човек?
Како да го зачувам кога знам дека можеби уште утре ќе посакам да заминам во некој друг град...
Како да го зачувам кога срцето ми е пустина која не е лесно да ја освоиш...
Како да го зачувам човекот кој веројатно со причина се појавил во мојот свет, а да не го повредам...
Како да го зачувам и идната Нова?
Се прашувам, вреди ли?
М. К. | Црнобело