20 заповеди за мажите кои сакаат да имаат успешен брак
Ниту еден брак не наликува на некој друг. Но, има некои универзални правила и вистини кои важат за секој брак.
Ова се само 20 најосновни кои треба постојано да се трудите да ги остварите:
1. Никогаш не прекинувајте да си се додворувате. Никогаш не прекинувајте да се однесувате како да сте на состанок. Никогаш не доживувајте ја вашата жена здраво за готово. Кога ја запросувавте, ветивте дека ќе бидете мажот кој ќе се грижи за нејзиното срце. Таа ве одбрала вас. Тоа никогаш не треба да го заборавите и не бидете мрзеливи кога станува збор за љубовта.
2. Чувајте го вашето срце. Баш како што треба да бидете внимателен со нејзиното срце, и за своето морате да се грижите постојано да го има истиот жар. Сакајте се себеси, сакајте го светот, но во тоа посебно место во вашето срце нека има простор само за вашата сопруга. Секогаш нека биде спремно да ја прими само неа и никоја друга.
3. Заљубувајте се постојано. Константно се менуваме и не сме истите луѓе кои сме биле кога сме се впуштиле во бракот, а за пет години од сега нема да бидете истиот човек кој сте денеска. Промените постојано ќе се случуваат, па затоа морате постојано да се борите за нејзината љубов.
4. Секогаш гледајте го најдоброто во неа. Фокусирајте се на она што го сакате. Доколку се фокусирате на она што ви пречи, сѐ почесто ќе го забележувате. Затоа фокусирајте се на љубовта.
5. Не е ваша работа да ја менувате или да ја доведувате во ред. Ваша работа е да ја сакате каква што е и да не очекувате таа да се менува. Доколку таа се промени, сакајте ја каква што е, без оглед што не е како што вие сте очекувале.
6. Одговорни сте за вашите емоции. На вашата сопруга не ѝ е работа да се обидува да ве прави среќен. Вие самите треба да ја пронајдете среќата, а паралелно со тоа, вашата среќа и радост ќе се одрази и на врската.
7. Никогаш не обвинувајте ја сопругата доколку ве разлути, бидејќи тоа е до вас, не до неа. Вашите емоции се ваша работа. Сами треба да заклучите што е тоа што ве налутило и смирено да се потрудите тоа да биде средено. Оваа жена вас ве привлекла поради тоа што од вас може да ги извади и позитивните и негативните емоции.
8. Пуштете ја вашата жена да биде тоа што е. Кога е тажна и вознемирена, не е ваша работа со сила да ја расположите. Само бидете тука за неа и дадете ѝ до знаење дека сѐ ќе биде во ред. Нека биде свесна дека вие сте човекот на кој може да се потпре и дека не бегате кога таа не е расположена. Слушнете го она што се крие зад нејзините зборови и емоции.
9. Не доживувајте сè што ви се случува премногу сериозно. Смејте се. Засмејувајте ја, бидејќи насмевката прави сѐ да биде полесно.
10. Секојдневно исполнувајте ѝ ја душата. Научете го нејзиниот јазик на љубовта и дознајте што прави таа да се чувствува важно, вредно и сакано. Нека направи листа со 10 работи поради кои се чувствува сакано и запомнете го. Правете да се чувствува како кралица, секој ден.
11. Бидете присутни. Не посветувајте ѝ го само вашето време, туку и вашето внимание. Кога сте со неа, навистина бидете со неа.
12. Сексот е многу важен. Таа мора да ја почувствува вашата машка присутност и сила. Таа мора да се почувствува женствено за да може во целост да ви верува.
13. Не бидете идиот, но и не плашете се да станете. Ќе грешите, но и таа ќе греши. Не правете премногу грешки, но и учете од нив. Никој не вели дека треба да бидете совршен, но не бидете и глупав.
14. Оставете ѝ простор. Понекогаш на жените им е потребно време само за себе, особено доколку имате деца. На секоја жена ѝ е потребно тоа слободно време за да се пронајде, откако целото свое време го изгубила грижејќи се за сите освен за себе.
15. Бидете ранливи. Не мора секогаш сѐ да имате под контрола. Споделувајте ги вашите стравови и чувства со неа.
16. Бидете транспарентни. Доколку сакате да има доверба во вас, морате да споделувате сѐ со неа. Симнете ја маската. Ако постојано внимавате пред неа да се претставувате во совршено светло, никогаш нема да искусите вистинска љубов.
17. Секогаш растете заедно. Исто како и кај мускулите, така и во врската, доколку не работите на неа, ќе тапкате во место. Пронајдете ги вашите заеднички цели, соништа и идеи и работете заедно на нив.
18. Не грижете се за пари. Парите се игра и морате да пронајдете начин како со заеднички напори да победите.
19. Простувајте и бидете фокусирани на иднината, а не на она што можело да се случи во минатото. Не бидете заложник на историјата. Простувањето е слобода.
20. Секогаш одбирајте ја љубовта. Секогаш одбирајте ја љубовта. Секогаш одбирајте ја љубовта. На крајот на краиштата, ова е единствениот совет кој ви е вистински потребен. Доколку ова е ваш водечки принцип кој влијае на сите ваши одлуки, на вашиот брак нема да му фали ништо. Бракот не е како бајка. На него морате да работите и да бидете посветени на заедничкото растење и да инвестирате во создавањето на заеднички живот. Со работата доаѓа и среќата. Бракот е како животот, има подеми и падови, кои морате да ги прифатите и врз нив да го градите вашиот однос.
Автор: М.К. | Црнобело