Хранете ја страста во вашата врска
Без разлика дали сè е во ред во вашата љубовна врска или пак поминувате низ некој кризен период, дополнителна, адреналинска доза на страст никогаш не е вишок.
Ако сте среќни, ќе ве направи уште посреќни. Ако, пак ви се чини дека врската оди надолу, страста ќе ви помогне да ја кренете, да ја обновите, да ја направите магична.
Уживајте во секој ден и имајте неограничено многу количини на страст, љубов и бакнежи.
Ви даваме неколку идеи како тотално да го полудите Вашиот партнер и секој ден да ви биде страшно секси.
Тантелата – нејзиното височество
Во текот на денот, додека тој се уште е на работа пратете му порака со прашањето: „Црвена или црна?“ Не објаснувајте ништо повеќе.
Натерајте го само да одбере боја и не споменувајте за што станува збор. Таман кога ќе помисли дека ќе помине уште една здодевна вечер, гледајќи репризи на серии, појавете се на неговата врата облечена во секси долна облека во бојата која тој ја одбрал...
Само одврзете го коланот на мантилот со кој сте се наметнале и викендот може да започне.
Започнете ја предиграта уште од рано утро
Исечете ја страницата од дневниот весник каде стои хороскопот, пречкртајте се што пишува за неговиот знак и допишете дека ова ќе биде ноќ преполна страст и енергија. Оставете му ја покрај шолјата во која го пие првото утринско кафе.
На ручек, почестете го со едно селфи од вас, додека уживате во топла купка.
Во внатрешниот џеб од неговата јакна, оставете ги вашите чипкани подвезици.
Глумете состанок
Излезете како првпат да излегувате. Застанете на различни страни од шанкот. Флертувајте, упатувајте страсни погледи, заведувајте се од далеку.
Едвај ќе чекате да ги допиете пијачките и да завршите помеѓу свилени чаршафи.
Направете секси ручек
Подгответе специјален ручек со состојки кои се афродизијаци.
Гответе го ручекот само со престилка на вас.
Заштедете вода – туширајте се заедно
Направете го ова непланирано, спонтано. Мажите го сакаат тоа. Неколку минути откако тој ќе влезе да се тушира, придружете му се.
Само за неговите очи
Доколку знаете да танцувате, зошто не би играле стриптиз само за неговите очи? Потсетете се на некоја добра филмска сцена, одберете ја идеалната музика и шоуто може да почне.
Променете боја
Променете ги светилките во вашата спална соба. Одберете сијалички во боја. Водете љубов на невообичаена светлина. Ако сте доволно храбри, поставете и огледало на таванот.
Автор: М.К. | Црнобело