Писмо до некогашната љубов: Подобро да ме мразиш, отколку да ме заборавиш...
Љубовта е горчлива. Љубовта ни дава надеж за иднината, па често забораваме дека сепак крајот може да дојде. Забораваме дека во еден момент, сосема неочекувано, може да ја загубиме искрата која долго нè врзувала за саканата личност...
Кога ќе пукне и последната врска која нè поврзувала, првото прашање кое ни се врти во глава е: „Зошто толку се трудев и ја ставав оваа врска пред себе?“ потоа следува „Зошто само јас си ја вложив целата енергија и преминав преку своите граници?“
И додека стоиме ранети од претходната распадната љубов, се прашуваме дали некогаш повторно ќе бидеме способни да изградиме нешто посилно, помоќно. Дали ќе сакаме повторно?
Мене тоа ми се случи кога верував дека не постои сила која би ме одвоила од него. Верував на празните зборови кои не нудеа ништо повеќе. И не го кривам него, туку себеси затоа што се трудам да го видам најдоброто во луѓето.
Кога тој ми раскина, вети дека никогаш нема да ме заборави. Со помош на тоа ветување живеев и верував дека така треба, таа реченица ми даде сила да продолжам. Верував дека бевме вистински, само во погрешно време.
Дали и вие можеби се плашите тој да не ве заборави? Дали и вие си го поставувате прашањето „дали барем некогаш му текнува на мене?“
Зошто се грижиме дали ќе останеме во нечија меморија? Дали тоа е сосема природно чувство, надеж или нешто трето? Дали можеби сме само себични заради тоа што сакаме цврсто да останеме во нечија глава?
Долго ми требаше да ја преболам минатата љубов, а најмногу размислував за тоа како тој еден ден ќе најде некоја нова која ќе ме избрише од секаде.
Најлошиот кошмар беше тоа да заборави сè што сме имале.
Зошто се мачам со овие прашања? А, сигурна сум дека не сум единствена. Како да го прифатиме фактот дека тој нè заборавил, а ние него не сме успеале? Како да се соочиме со фактот дека на него веќе не сме му тоа што сме биле некогаш?
Затоа сега кога помина сè, кога сум мирна и спокојна, би му го кажала ова:
Се плашам дека ќе заборавиш што имавме. Се плашам дека ќе заборавиш на сите работи кои ги учевме заедно. Се плашам дека од човекот кој беше со мене ќе станеш нешто друго. Само затоа што не успеавме не значи дека сакам да го избришам тој дел од животот.
Сакам да бидам поглавје во твојата книга. Не морам да бидам љубовта на твојот живот, но сакам да бидам твојата голема љубов.
Попрво би одбрала да ме мразиш, отколку да ме заборавиш, затоа што и омразата е подеднакво силна како и љубовта. Подобро чувствувај нешто, отколку ништо. Сакам да ме споменуваш во разговорите, да ти прелетувам низ мислите.
Не се плашам дека нема да пронајдам друг. Се плашам дека ти ќе ме заборавиш.