Како да се заштитите од заљубување во зафатен маж?
Ако веќе ви се случило, сигурно сте ја научиле лекцијата на потешкиот начин, кој е и единствен за навистина нешто да искусите и научите. Срцето некогаш е побрзо од паметот. Тоа чувствува, препознава и се отвора, но не бира кон кого. Од вас зависи колку ќе му дозволите и дали зафатениот маж за вас е пречка или предизвик.
За да се заштитите од погрешното вљубување во зафатениот маж треба да се потсетите на 6 правила:
1. Не го сфаќајте заљубувањето сериозно
Можеби не можете да избегнете да се заљубите, но може да не се предавате целосно на тоа чувство. Убаво е да се чувствувате лудо, живо, активно, но сфатете го тоа како моментално изненадување. Уживајте во своите чувства и искористете ги за да го збогатите внатрешниот живот и таа енергија да ја употребите креативно во вашето секојдневие. Вашите чувства се ваша работа. Ако останат во границите на реалноста никој нема да биде ниту повреден ниту оштетен. Лесно е да се заштитите ако тој се држи на дистанца и не покажува некаква намера кон вас. Но, ако тој е отворен за авантура сешто може да се случи, па и да останете повредени.
2. Не го игнорирајте фактот дека е зафатен
Можеби се обидувате да ја потиснете мислата за соперничката, но тоа е глупаво. Прво, таа не ви е соперничка, зашто не сте на исто ниво. Таа го познава човекот кој ве фасцинирал и доживеала со него многу работи, па и сретнала многу такви како вас, кои се обидуваат да заборават дека таа постои. Во крајна линија, таа не треба да ве интересира. Но, дали навистина ве интересира маж кој е подготвен да изневери и кој не го цени она што го има?
3. Не очекувајте дека ќе ја остави поради вас
Зафатените обично остануваат зафатени. Зошто би ризикувал поради вас, кога и вака може да ве има, точно во онаа доза во која сте му потребни, за освежување, балансирање, да си го нахрани егото и да продолжи да се носи со предизвиците во својот живот, кој нема врска со вашиот. Можеби тој не е среќен во бракот или врската, но кој вели дека поради среќата луѓето ризикуваат да се менуваат себе и својот живот? Можеби ни вие не сте среќни со својата заљубеност во зафатен маж, па не се откажувате, туку единствено што помислувате е дека тој треба да ја остави неа поради вас. А што правите вие за својата среќа?
4. Направете дистанца – ако не е доцна
Доколку видите во што се впуштате и ако малку подобро размислите, ќе се повлечете. Не си ставајте трн во здрава нога. Наместо намерно да предизвикувате „случајни средби“, подобро е намерно да ги избегнувате. Ако не се заштитите, сигурно ќе бидете повредени.
5. Ако веќе сте згрешиле, повлечете се што поскоро
Доколку спаѓате во оние на кои предупредувањата не им значат ништо и кои скокаат главечки во секое искуство, не се откажуваат додека не го допрат дното, не губете време. Впуштете се во авантурата, не играјте игри, остварете си ја целта, стигнете до дното, излезете повредени, затоа што нема друг излез и лечете си ги раните додека не ја научите лекцијата.,
6. Не се залажувајте – не сакате засекогаш да бидете „другата“
Доколку во еден момент сте почувствувале дека вреди вашата борба за љубовта и дека треба да се жртвувате и да ја прифатите улогата на „другата“ (љубовница, авантура, забава) знајте дека овој его трип брзо ќе ви помине и ќе сакате да излезете од анонимност и да станете јавни и главни.
Ако сте свесни дека плеткањето со зафатен маж не нуди ништо освен его трипови, вратете се во реалноста за да си ги заштитите разумот, здравјето и достоинството.