Брачни тајни кои никој не сака да ги признае
Лиз Ленц е една од ретките жени кои откриваат голем дел од брачните кавги. На почетокот секоја врска делува идилично, но кавгите се појавуваат кога-тогаш...
Лиз не сака да ги преплаши идните сопружници, само да ги подготви за она што е сосема нормално, но никој не го споменува.
„Кога еден мој пријател се вери, беше повеќе од возбуден. Една вечер на мојот маж му кажуваше колку бил заљубен.
- Никогаш порано не сум се чувствувал вака - рече воодушевен.
- Знам. Прекрасно е да бидеш заљубен - рече мојот сопруг.
- Не, ова е поинакво од она што вие го имате. Ние никогаш не се караме - кажа гордо.
Јас се повлеков, но мојот сопруг ја задржа насмевката.
- Тоа е прекрасно. Едвај чекаме да дојдеме на венчавката - му одговори смирено.
По 6 месеци ми се јави и звучеше прилично вознемирено, па го прашав што се случува. Ми рече дека грозно се искарале.
Кога ми објасни за што се работи, сфатив дека за него грозна кавга значи кога таа ќе излета од собата во која се карале на половина час да си ги среди мислите, а потоа ќе се врати и ќе се извини. Баш тоа му се случило.
Тогаш започнав да му раскажувам за нашите кавги. Му раскажував за лупање на врати, за многу грозни зборови кои сме ги изговориле, за тоа дека не сме излегувале само од собата, туку и од дома, па потоа сме се враќале да ја продолжиме кавгата, наместо да се извиниме.
Му реков дека како во еден излив на бес фрлив цело пакетче од омилените чоколади на мојот сопруг, само за да не ги јаде. И никогаш не му се извинив за тоа.
Кога завршив, двајцата се смеевме и на мојот пријател му беше многу полесно.
Кога врската е на почеток, лесно е да бидеш опуштен и да се договориш дека ништо нема да ви ја разниша стабилноста. И тоа е прекрасен период. Секој пар поминал низ него и посакувал да трае што подолго. Но, обично не трае долго.
Во еден момент ќе се уловите како плачете гушнати со перницата само затоа што не ја затворил пастата за заби.
Кога јас и Дејв се венчавме, никој не ни ги кажа овие грозни страни на бракот, па дури и моментите како што се едноставното бришење на под кое ќе ве натера да се запрашате дали сте се омажиле за вистинскиот.
Една пријателка се чувствуваше ужасно што на моменти се прашуваше дали тој е вистинскиот, сè додека не и се исповеда на својата мајка која е во брак 50 години.
- Ох, душо. Јас тоа се прашувам барем еднаш неделно, и одговорила.
Во првите денови во бракот ми беше срам да зборувам за кавгите. Но, што почесто зборував со други парови, откривав дека сите, помалку или повеќе, се караат за истите работи.
Последниот пат му реков на сопругот „Знаеш што? Се помирив со оваа кавга. Знам дека имам цел живот пред мене да те научам да переш облека.“
- Така е. А јас имам цел живот пред себе да те научам како се исклучуваат сијалиците низ дома, ми одговори.
А тогаш и двајцата легнавме во ист кревет, и понатаму малку лути, но одлучни дека ќе ги научиме работите кои си ги ветивме, свесни дека пред себе го имаме целиот живот.“