Една ветровита љубов
Чудесно. Колку непосредно чувствувам љубов. Како никогаш досега. Ветровита љубов. Онаа што лета на сите страни.
Онаа што сака сè околу себе колку што те сака тебе и колку што се сака себе. Секоја одделно и сите заедно.
Како шарен фустан на жица оптегната среде зелена ливада што се вее на ветрот, ама не се откачува од штипките. Фустан што танцува.
Една ветровита љубов што ми носи насмевка налик резанка лубеница, насмевка полумесечина, ама сончева насмевка. Една ветровита љубов што си потпевнува со фалшови на главни смотри.
Една таква гушкачка љубов кога ти доаѓа да ги гушкаш сите околу себе. Љубов што не бара друга љубов, љубов што си е доволна таква заљубена.
И не, не е тоа онаа патетична, траги-комична, носталгична љубов. Не, не е онаа од која би се исплашиле и во која беспомошно барате помош. Ова е ветровита љубов.
Не е љубов во која се пати, во која некој мора да ти возврати, во која сакаш да се колнете на вечност, не.
Ова е ветровита љубов што ти се плетка во косата. Онаа заради која си среќна што имаш малку подолга коса и си главна глумица во својот филм.
Кога ветрот ти е љубовник кој бесрамно те допира, а ти уживаш. Тој е и најдобриот уметник што ти ги меша нијансите во небесното шаренило, а ти пишуваш поезија. Ти ги шепоти неговите зборови и ти ги враќа пријатните чувства од минатата ноќ.
Една ветровита љубов што се чувствува во гласот. Ветровита љубов што ти ги проветрува мислите, ти ги затвора очите и те тера да чувствуваш мириси кои сакаш да веруваш дека се неговите насмевки, па така наивно и ти се насмевнуваш, возвраќаш.
Една ветровита љубов во која сè е измешано, освен едно...музиката на нејзиното звучење.
В.М. | Црнобело