10 работи што сите ги мразиме кај нашите македонски шефови
Денес е тешко да се најде работа, добар работник и секако - добар лидер, односно шеф.
За ова последното се чини дека конкуренцијата е најголема, со оглед на фактот што на сите нам ни е добро познат синдромот наречен „македонски шеф“.
Ова се 10 лоши работи по кои се истакнуваат македонски, но и шефовите генерално, кои нè вадат од контрола.
Колку од нив препознавте кај вашиот претпоставен?
Кога станал на лева нога
Се успал, задоцнил, заглавил во сообраќај, се скарал со сопругата, се сопнал од играчките на децата, му се истурило кафето во автомобилот… практично истите работи кои ви се случиле и вам, само што за вашите проблеми нема да дознае никој, а за неговите сите ќе ги почувствуваат последиците на своја кожа поради лошото расположение.
Кога упорно го откажува состанокот за кој сте се подготвувале
Неколку пати е нагласена важноста на фамозниот состанок – и истиот се откажува повеќе од 3 пати поради некои „гужви“ и „фрки“. Имате чувство како да сте невидливи или заборавени.
Да не зборуваме за времето кое го потрошивте на подготовка за состанокот и стресот кој го доживувате пред почетокот на состанокот, кој веројатно нема да се одржи никогаш.
Кога очекува да му ги читате мислите
Бидејќи имате магична топка. Или гледате на гравчиња. Тој смуртен мижурка во вашиот правец и очекува да му ги извлекувате зборовите со клешти или да погодувате во што е проблемот и како да се пронајдат решенија за истиот.
Кога ја присвојува заслугата за вашиот труд
Вие се отепавте од работа на проектот, но шефот е оној кој ги собира пофалбите и аплаузите. Најтрагично е што не вели ниту – НИЕ го сработивме тоа, туку секогаш се истакнува себеси во прво лице.
Кога ве пофалува само преку мејл
Бидејќи не дај боже да ве пофали јавно, пред останатите колеги. Тоа го доживува како признание дека некој е поквалитетен и поспособен работник од него. Како еден вид на пораз. Може да добиете само пофалба во електронска форма и да си ја задржите за себе.
Кога ви дава задача и прашува на секои 2 минути дали е готово
Не, не е готово! И нема да биде готово ако ве прашува на секои 2 минути. Впрочем, толку подолго ќе трае сработеното и воедно, многу би сакале да видиме како шефовите работат под притисок додека некој цело време им диши во врат.
Кога ви дава обврска, а потоа си ја сработува сам
Бидејќи нели – се нема доверба во никого. Ако сакаш нешто да се заврши како што треба, направи го сам – е неговото најценето мото. Тогаш, зошто имаш вработени за кои мислиш дека се неспособни и на кои не им веруваш?
Кога дава лажни ветувања
Стрпи се уште малку за унапредувањето, стрпи се уште малку за покачувањето на платата, имате 22 дена право на годишен одмор… овој викенд одиме сите на тим билдинг! И погодувате – ништо од тоа не се остварува.
Кога ве прашува за мислење - и кажува дека е погрешно
Зошто тогаш прашува за мислење? Секое мислење, секоја ваша идеја и сугестија е погрешна, бидејќи тој или таа ги имаат сите вистински паметни одговори.
Кога тврди дека не сака умилкувачи, а е постојано опкружен со нив
Македонските шефови се едни од оние кои упорно тврдат дека не сакаат умилкувачи и подлизурковци, а сепак се топат покрај таквите и уживаат во нивното умилкување и внимание.
И што е најтрагично - очекуваат и вие да бидете исти како таквите.
(О)Милена | Црнобело