Српска компанија им даде неограничен број слободни денови на вработените - Добра идеја или промашување?
„Веруваме дека добрите вработени создаваат задоволни клиенти, целта ни е да ги задоволиме барањата на вработените“ – вели директорот на српската компанија, која прва во регионот воведе неограничен број слободни денови за вработените.
Колкупати сте помислиле дека би било добро да можете да користите неограничен број слободни денови? Да може да заминете на одмор кога сакате, без да калкулирате? Една српска компанија одлучи вака да ги награди вработените, но сепак им наметна некои ограничувања.
Српската бизнис заедница остана изненадена кога една нивна компанија одлучи да воведе досега нечуено правило и да ги награди своите вработени. Од 2024-та година, секој од вработените може да користи неограничен број слободни денови и не мора да се придржува до законските ограничувања.
Директорот на компанијата GoPro, Петар Миљковиќ даде изјава за српските медиуми и рече дека неговата основна филозофија е дека „задоволните вработени создаваат задоволни клиенти“, па затоа одлучиле да ги наградат луѓето што работат за нив.
Тој нагласува дека во нивната компанија вработените секогаш имаат слобода да даваат сопствени идеји и предлози, а некои од нив прашувале дали би имало шанса да добијат повеќе слободни денови.
„Со оглед на тоа што работиме со тим паметни и вредни луѓе, почнавме да размислуваме како тоа да го спроведеме. Размислувавме прво на родителите да им дадеме повеќе слободни денови, но не сакавме оние без деца да се чувствуваат запоставено.
Спонтано дојдовме до идеја на сите вработени да им дадеме неограничен број слободни денови“ – вели Миљковиќ, а пренесува BizLife.
Така, од 1-ви јануари годинава, вработените ќе може да користат неограничен број слободни денови, но сепак постојат и некои ограничувања:
„Двајца колеги со исти вештини и одговорности не можат истовремено да земат одмор. Колегите тоа добро го знаат, па сами се договараат.
Постои ограничување во смисла на тоа, колку одмор може да се земе одеднаш, а максимумот е три недели и не може да се земе одмор од денес за утре, затоа што во петок попладне правиме планови за тековната седмица“ – изјави Миљковиќ.
Тој нагласи дека оваа одлука е во фаза на тестирање, а дека допрва ќе се види дали оваа пракса е добра идеја или промашување.
Инаку, GoPro е компанија од информатичкиот сектор, која има околу 60-тина вработени.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: freepik.com