Ни премногу вежбање не е добро: Знаци кои покажуваат дека сте претерале
Благодарение на совршените тела на познатите и фитнес блогерите кои секојдневно ги гледаме на социјалните мрежи, речиси сите чувствуваме притисок редовно да вежбаме. Но, при вежбањето се лачат ендорфини кои понекогаш можат да бидат и заразни, па 3% од луѓето кои редовно вежбаат всушност се сметаат за зависници од вежбање.
Физичката активност, се разбира, е од голема важност, но претераното вежбање може повеќе да ви наштети отколку да ви помогне. Последиците се исцрпеност, оштетување на мускулите, па дури и дехидратација.
Поради тоа, важно е да ги знаете знаците кои покажуваат дека премногу вежбате и дека е време малку да одморите.
Постојано посегате по вода
Доколку не можете да ја изгаснете жедта, дури и ако пиете по неколку литри вода, голема е веројатноста дека сте претерале со физичката активност. Вежбањето го исцрпува телото и предизвикува дехидратација, па потребата за вода не се намалува.
Нагли промени во расположението
Како што веќе спомнавме, вежбањето го поттикнува лачењето на ендорфините кои влијаат врз расположението, а понекогаш предизвикуваат и еуфорија. Но претераното вежбање може да го предизвика и спротивниот ефект и да има влијание врз лачењето на стрес хормонот кортизол. Сето ова резултира со нагли промени во расположението.
Проблеми со спиењето
Претераното вежбање може да предизвика и проблеми со спиењето. Иако можеби мислите дека после напорен тренинг ќе бидете преморени и полесно ќе заспиете, понекогаш се случува спротивното. Имено, нервниот систем е преоптоварен и „мисли“ дека на телото постојано му е потребна енергија. Ова предизвикува немир и несоница, а понекогаш и проблеми со концентрацијата.
Намалено чувство на глад
Понекогаш претераното вежбање може да ви го намали апетитот. Проблемот е што кога вежбате, на телото му е потребна енергија од храната. Ако не јадете доволно, ќе изгубите многу важни хранливи материи.
Поголема чувствителност на студ
Кога вежбате премногу, вашето тело нема време да закрепне како што треба. Поради ова, страда вашиот имунолошки систем и се намалува толеранцијата на студ.
Забрзано чукање на срцето
Дури и најискусните спортисти го проверуваат нивниот пулс кога се во мирување. Доколку забележите дека вашето срце чука побрзо од вообичаено, дури и кога не вежбате, можеби е време за одмор од теретаната. Кога премногу го напрегате телото, пулсот значително ќе се зголеми.
Не забележувате напредок
Доколку не забележувате никаков напред од вежбањето, треба да намалите со физичката активност. Ова е знак дека вашето тело е преморено, па посакуваните резултати изостануваат.
Намалена мотивација за вежбање
Доколку вежбањето почнува да ви станува вистински товар, можеби телото ви дава знак дека треба да забавите. Па направете пауза неколку дена, сè додека повторно не почувствувате желба за вежбање. Доколку чувствувате каква било болка, одморете барем еден ден. Сепак, одморот е клучен за постигнување на саканите резултати.
Како да го избегнете претераното вежбање?
Најдобро е да го слушате вашето тело и неговите потреби. Сепак, постојат и некои трикови што ќе ви помогнат да го избегнете прераното вежбање.
1. Внесувајте доволно калории за вашата програма за вежбање.
2. Доколку се натпреварувате во некоја дисциплина или маратон, намалете го темпото на вежбање пред натпреварот.
3. Пијте многу вода додека вежбате.
4. Секоја вечер спијте по барем 8 часа.
5. Немојте да вежбате на многу високи или многу ниски температури.
6. Направете пауза кога се чувствувате лошо или кога сте изложени на стрес.
7. Одморајте најмалку 6 часа помеѓу тренинзите и секоја недела правете по еден ден пауза.
Спирова С. | Црнобело