Брзи вежби за раце за сите кои поминуваат долго време на компјутер или телефон
Модерните уреди, како таблети и смартфони, но и компјутерите, создаваат и модерни проблеми.
Освен што предизвикуваат зависност, како и проблеми со очите, овие уреди со нив носат и проблеми со нервите, мускулите и зглобовите на рацете.
Ортопедите велат дека синдромот на карпален тунел и синдромот на смартфон прст се предизвикани од долго и неправилно држење на рацете при работа со електронските уреди.
Па затоа, дознајте нешто повеќе за нив и применете ги вежбите кои ќе ви помогнат да ги избегнете овие проблеми на модерното време:
Синдромот на карпален тунел настанува поради компресија на нервот кој поминува низ карпалниот тунел на зглобот на раката.
Тоа создава болка во зглобот и прстите, трнење и вкочанетост, а раката може и да ослабе ако тоа трае долго и не се третира.
Покрај многуте различни причини што го предизвикуваат овој синдром, меѓу нив се наоѓа и погрешното држење на рацете, неправилни свиткувања, посебно при работа на тастатура, на компјутер или таблет.
Затоа, важно е правилно да ги држите рацете додека работите, односно да бидат исправени, да правите редовни вежби, како и одмор.
Синдромот на „смартфон прст“ предизвикува болка, вкочанетост, воспаление и во тешки случаи, искривување на палецот на раката која најчесто ја користите при работа на телефон.
Токму затоа, треба постојано да го менувате прстот со кој работите и да го контролирате држењето на рацете.
Едноставни вежби за одржување на зглобовите во добра состојба:
Можете да ги правите во текот на денот, додека сте на работа или дома - на било кое место, ефективни се и го отстрануваат заморот од рацете.
Пеперутка
Спојте ги дланките, а прстите на двете раце одвоите ги една од друга рака што е можно повеќе, а потоа вратете ги и оставете ги во таа положба 10 секунди, па потоа вкрстете ги и стискајте ги 5 секунди. Повторете 10 пати.
Истегнување на прсти
Спојте ги дланките и прстите. Почнете од палците, па показалците и понатаму по ред одвојувајте ги и спојувајте ги сите прсти кои се во пар. Повторете 5 пати со секој пар прсти.
Клисура
Исправете ги рацете како на горната фотографија и вкрстете ги прстите во исправена положба тегнејќи ги што повеќе. Потоа свиткајте ги вкрстените прсти надоле, додека туркате со зглобовите.
Вратете ги во почетна положба и повторете 10 пати.
Стисок со прсти
Спојте го палецот со секој прст по ред, почнувајќи со показалецот, а потоа повторете ја вежбата во обратна насока. Повторете 5 пати со двете раце.
Мавтање
Спојте ги дланките и прстите и држете ги дланките во висина на градите. Притискајте со едната дланка накај другата 5 секунди. Потоа вратете се во почетна положба и повторете на другата страна со спротивната рака.
Повторете 5 пати со двете раце.
М. М. | Црнобело