Дали знаете што е фитнес замор и страдате ли од неговите симптоми?

За почеток, фитнес заморот не е физички феномен, туку емоционален. Целиот наш живот се претвори во мерки и податоци.

Dali-znate-sto-e-fitnes-zamor-i-stradate-li-od-negovite-simptomi-01.jpg

Многумина од нас веруваат дека сé што може да се измери, треба задолжително да биде измерено. Фитнесот не го избегна тој тренд, а вежбањето стана начин како да се измерат статистиките.

Одеднаш се зборува само за индексот на телесната тежина. Колкава е вашата висина и согласно тоа колку треба да тежите. Или бројот на срцеви отчукувања додека вежбате. Колку стомачни може да направите во рок од 2 минути или колку чекори ви измерил Педометарот денес.

Не е важно што сте излегле, добро сте се истрчале и сте се вратиле среќни, вцрвенети и добро испотени. Доколку немате измерена статистика колку километри сте поминале, за колку време, со која брзина - физичката активност како да губи смисла.

Или доколку работите некоја потешка физичка работа дома, тоа како да не вреди во денешниот свет, бидејќи не постои начин како да се измерат потрошените калории од чистење со правосмукалка или џогер.

Ретко ќе видите родители кои играат фудбал или баскет со нивните деца, бидејќи не се сигурни колку калории ќе потрошат со таков тип на активност. Но, на некој магичен начин сите точно знаат колку калории ќе потрошат на лентата за трчање за 10 минути или на клупата за стомачни.

Кога се фокусираме силно на бројките и исклучиво на надворешниот изглед – нашите „спојлери“, салцето на стомакот, бутовите и листовите, сето тоа води до т.н. фитнес замор.

А има и совршено добро објаснување за него:

Прво, играта на броевите.

Никогаш не треба да се потпирате исклучиво на бројките, бидејќи тие постојано се менуваат. Правилата никогаш не се исти. Да ги погледнеме работите од нутритивниот, односно хранливиот аспект.

Во минатото сите живеевме со убедувањето дека путерот е многу лош, а маргаринот многу подобар за јадење. Денес живееме со обратното сознание. Во минатото сите масти беа лоши за организмот, денес знаеме дека постојат добри и лоши масти.

Или дека овошјата се здрави, само не јадете ги наутро затоа што имаат премногу природен шеќер, односно фруктоза, или барем дел од нив. Или дека црвеното месо не треба да е на менито. Но, не и кога си на Хроно или Аткинс или Палео режим на исхрана, што значи сепак – во ред е?

Истото се случува и со броевите поврзани со фитнес активностите. Сите мораме да поминеме минимум 10.000 чекори дневно, или да правиме аеробни вежби минимум 30 минути дневно, 4 пати неделно, бидејќи така ги намалуваме шансите за срцев удар за околу 50%.

Или беа 150 минути неделно вежбање, што доколку се подели на 30 минути дневно, излегува 5 пати вежбање, наместо само 4?

Без оглед на сé, следната година сигурно ќе читаме нови статии и нови податоци околу тоа кој тип на вежбање е најдобар за нас и кои бројки треба да се трудиме да ги достигнеме.

Тоа е всушност лудилото што се случува поврзано со статистиката на броевите. Навистина е тешко да победиш во играта каде што правилата константно се менуваат.

Вистинскиот фитнес режим подразбира мирен ум, а доколку целата ваша рутина е заснована на ригорозна дисциплина, повеќе и повеќе вежбање и силно напрегање, тогаш дефинитивно нема да вежбате со смирен ум.

Второ, надворешниот изглед.

Поголемиот дел од луѓето кои вежбаат си зацртале скоро нереален изглед со неверојатни стомачни мускули. Во обид да го постигнат совршениот изглед тие се несреќни со моменталниот изглед на своето тело.

Кога сте во трка да постигнете нешто за кое мислите дека единствено тоа ќе ве направи среќни (во случајов, совршените стомачни мускули), обично сте престроги кон самите себе, премногу осудувачки настроени и вечно незадоволни од себе и сопствениот изглед. Сметате дека не сте вежбале доволно и секогаш можете повеќе, побрзо, подобро.

Вежбате со цел да постигнете совршенство, а тоа е прилично нереален и недофатлив стандард, вклучувајќи го и фитнесот како област.

Опседнатоста со изгледот на телото е придвижена од страна на егото, а хранењето на егото е слично како и секоја друга зависност: колку и да го храните, секогаш сака повеќе.

Па така макотрпно вежбаме во салата. Или го вртиме велосипедот до снеможување, трчаме со полна пареа и додаваме нови и нови рутини. Но, кога престанува сето тоа? Кога сте задоволни од постигнатите бројки или физичкиот изглед?

За многумина совршениот изглед е недофатливиот свет грал, па зарем е чудно што наместо да се среќни, исполнети и енергични, тие се заморени и уморни.

Вежбаме за да ја достигнеме целта, но уморот се раѓа од потсвесната мисла дека вежбањето сепак не ни дава брзи резултати и воопшто не уживаме во истото.

Со цел да ги избегнеме симптомите на фитнес заморот ни требаат нови мерки што значи да се биде здрав и фит, а тоа доаѓа првенствено одвнатре.

Веќе споменавме дека треба да вежбате со смирен ум. Најдобриот лек против фитнес заморот е забавата. Спонтани движења ослободени од некакви строги очекувања и ригорозни цели. Прашањето не треба да биде Зошто морам да го вежбам ова? туку Зошто не би се обидел/а?

Овој начин на размислување ќе ви го промени целиот свет и начин на однесување.

Вежбајте го тоа што ве исполнува, нешто во кое уживате. Не водете се од предрасудите дека трчањето троши повеќе калории од возењето велосипед. Доколку сакате повеќе да вртите, слободно започнете. Некој сака да се искачува, друг да плива.

Не си поставувајте строги и нереални цели. Не се ставајте во временски ограничувачка рамка од типот „Морам да изгледам супер до крајот на летото“.

На тој начин му создавате приситок на умот кој неминовно се рефлектира врз телото.

Само вежбајте. Додека не почувствувате умор, додека добро не се испотите.

Трето, доколку сте уморни денеска, прескокнете го вежбањето и дозволете си малку одмор и дремка.

Вашето тело го бара тоа. Тоа никогаш не греши и ви дава јасни знаци и сигнали кога му е потребен одмор.

Толку многу се опседнавме со бројки што живееме со убедувањето дека доколку нешто не е измерено, тогаш нема вредност. Мислиме дека единствените фитнес активности кои се вредни се оние кои може да ги измерат нашите „гаџети“.

Но, фитнесот кој е најважен е оној кој е поттикнат и мотивиран од силата на умот, а тој не може да биде измерен. Затоа е и најделотворен и најздрав.

(O)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Имаат над 50 години, а изгледаат одлично: Како ја одржуваат формата супермоделите од ’90-тите? Синди Крафорд, Наоми Кемпбел и Кејт Мос имаат над 50 години, но и понатаму изгле...
Како да уживате во одморот без да се вратите здебелени, според фитнес тренер Ако за ручек изедете нешто помрсно, како гиро, за вечера јадете салата и пијте м...
Обратен планк - вежба која го затегнува телото и троши калории Никогаш не е премногу рано да почнете со вежбање за да го затегнете телото пред ...
Проверете сами: Дали сте доволно фит за ваша возраст (и колкав ви е ризикот од сериозни болести)? Можете ли да станете од подот без да се придржувате за нешто? А, колку долго мож...
6 вежби кои ќе ви помогнат да се ослободите од салото на грбот и колковите Замислете се во нешто тесно, кратко, секси и мотивирајте се за да вежбате редовн...
Вежби кои треба да ги избегнувате по 40-тата година (и зошто) Како што старееме, подвижноста на нашите зглобови се намалува, а и нашето тело н...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg