Бидете фит: 9 вежби за затегнати нозе
Летото е период во кој најмногу ги истакнувате вашите нозе преку кратките фустанчиња, кратки панталони и секако на плажа.
За да имате прекрасни нозе мора да вложите малку труд и да правите секојдневни вежби кои ќе ви бидат од голема корист.
Затоа за вас пронајдовме 9 совршени вежби од кои можете да одберете една или да ги комбинирате истите.
Доброто кај овие вежби е што можете да вежбате во вашиот дом, а да ги дополните со трчање или долги прошетки.
1. Бокс вреќа
Доколку имате празна соба која би била идеална за да поставите бокс вреќа во вашиот дом, ова е одлична вежба за цврсти нозе, бутови и задник. Удирајте ја бокс вреќата наизменично со едната и другата нога во времетраење од 45 минути. Најважно кај оваа вежба е да ја започнете со ниски удари па потоа се повеќе да ги повишувате вашите удари.
2. Чекор напред-назад
Направете чекор напред со едната нога со подвиткано колено, а со коленото од другата нога допирајте го подот. Важно кај оваа вежба е да имате рамнотежа и вашиот грб да го држите во исправена положба. Истата постапка повторувајте ја и со другата нога и така наизменично вежбајте неколку пати.
3. Чучнувања
Доколку сакате затегнат задник и нозе оваа вежба мора да ја правите. Рацете држете ги исправени пред себе во ширина на колковите, а стапалата нека ви бидат малку подраширени. Направете неколку серии со 10 до 15 чучеви и не заборавајте дека како и кај секоја вежба вашиот грб мора да биде исправен.
4. Бочно подигнување
Оваа вежба се прави на тој начин што ќе легнете свртени на десната страна и ќе се потпирате на вашата рака. Нозете нека ви бидат, испружени во случајот левата над десната. Левата нога поткревајте ја и повторно спуштете ја над десната. Вежбата повторете ја десетина пати, а потоа променете го седењето и направате ја истата вежба со десната нога.
5. Истегнување
Легнете на стомак, а потоа исправете се на рацете и подигнете го вашето тело со тоа што ќе се држите единствено на рацете и колената. Испружете ја десната нога и подигајте ја нагоре, а истовремено подигнувајте ја и вашата глава напред. Истото повторувајте го и со левата нога наизменично. При оваа вежба важно е правилното дишење, земете воздух при поткренување на ногата, а издишете при спуштање на ногата.
6. Исфрлање на нозете
Легнете на грб, а потоа исправете го горниот дел од телото и подигнете ги нозете со тоа што ќе направите агол од 60 степени. Рацете држете ги исправени и допрете ги прстите на нозете со тоа што ќе ги исфрлите нозете повторно на подлогата. Повторете ја вежбата десетина пати и така ќе ги затегнете нозете, но и стомакот.
7. Истегнување на карлицата
Легнете на грб, а потоа подигнете го долниот дел од грбот и задникот нагоре држејќи рамнотежа со рацете и нозете. Рацете ви стојат испружени покрај телото и пробајте што е можно повеќе да го истегнете телото. Со оваа вежба го затегнувате стомакот, задникот и бутовите, па правете повеќе серии од истата.
8. Ножички
Идеална вежба за затегнување на нозете и задникот. Легнете на грб, а нозете кренете ги во воздух исто како пред да правите „свеќа“. Нозете ширете ги и собирајте ги за да направите ножички.
9. Скок напред-назад
Станува збор за динамична вежба, а за да ја направите треба да легнете на стомак и потоа да го подигнете телото на тој начин што ќе стоите со прстите на нозете и рацете. Направете чекор со едната нога нанапред, а потоа веднаш вратете ја назад на своето место. Вежбата повторете ја неколку пати.