Фитнес инфлуенсерка покажува како навистина изгледа кога не позира и не ги уредува фотките
Подуен стомак и мускули кои не се секогаш дефинирани – фитнес инфлуенсерка споделува искрени фотки на кои покажува како изгледа кога позира, а како кога е опуштена, односно поголемиот дел од времето, со цел да им ја врати самодовербата на оние кои постојано го споредуваат изгледот на своето тело.
Иако знаеме дека она што го објавуваат инфлуенсерките не е секогаш реалност, факт е дека не можеме да не се споредуваме со нив, барем понекогаш.
Ова особено важи кога станува збор за изгледот на телото.
Проблемот е што многу девојки и жени мислат дека телата што ги покажуваат инфлуенсерките се достижни за секого, а и не помислуваат на тоа дека неретко, фотките се уредувани.
Некогаш, пак, доволно е само да се промени позата за телото да изгледа многу поразлично.
Сакајќи донекаде да го ублажи ефектот на овие лаги, фитнес инфлуенсерката Оливија Невил покажува како навистина изгледа нејзиното тело кога не позира.
На дел од фотките, таа изгледа совршено, со рамен стомак и тонирани мускули, но кога не позира, покажува дека и таа има подуен стомак и нејзините мускули не се секогаш дефинирани.
„Социјалните мрежи станаа единственото место каде што е норма да ги покажуваме телата во одредена, совршена поза.
Не се осмелуваме да покажеме како навистина изгледаме кога се движиме и ги завршуваме секојдневните обврски или како изгледаат нашите тела поголемиот дел од времето.
Лесно е да почнете да верувате дека сите изгледаат совршено, кога во реалноста не изгледаат така. Позирањето, уредувањето и филтрите се дел од секоја фотка што ја гледате на Инстаграм.
Па, замислете какво влијание има тоа врз вашата психа. Не е ни чудно што социјалните мрежи прават да се чувствувате полошо за себе“, вели таа.
Оливија сака и да им покаже на следбениците дека сите тела се убави.
„Ако научите да си го сакате телото од секој агол и ако сфатите дека сите имаат ’лоша‘ верзија од своето тело, ќе ви биде многу полесно да се прифатите“.