Кокошките можат да собираат и одземаат, змиите имаат пријатели – животни кои имаат и човечки карактеристики
Повеќето животни се многу поинтелигентни отколку што мислиме. Одличен пример за ова се кокошките - можеби сите ги гледаат како едноставни птици кои не се способни за емоции и размислување, но знаевте ли дека тие можат да бројат, па дури и да собираат и одземаат?
Голем број животни покажуваат карактеристики кои најпрво мислевме дека им се припишуваат само на луѓето. Тие покажуваат емпатија, чувствуваат љубомора, а некои буквално скокаат од радост кога ќе видат некој или нешто што им се допаѓа.
Погледнете дел од животните што имаат и човечки карактеристики:
Шимпанзата склучуваат примирје после борба
Во 1970-тите, експертот за животинско однесување Франс де Вал ги набљудувал шимпанзата во зоолошка во Холандија. Во тој миг, еден мажјак нападнал женка, а другите шимпанза веднаш пробале да ја разделат борбата. Набрзо потоа, мажјакот и женката се прегрнале.
Франс почнал да го истражува овој феномен и забележал дека скоро сите шимпанза после борба се прегрнуваат и се држат за раце. На крај тој издал и студија, според која ова однесување, односно примирје по борба или конфликт е забележано во над 30 други видови примати.
Коњите ги препознаваат човечките емоции и реагираат на нив
Истражување од 2018 година покажало дека питомите коњи можат да распознаваат човечки емоции, како тага или среќа, според изразите на нашите лица, но и според начинот на зборување. Истовремено, тие реагираат на нив, а можеби ова ја објаснува длабоката врска што ја имаат некои луѓе со коњите за коишто се грижат.
Стаорците чувствуваат емпатија едни кон други
Според истражување од 2019 година, стаорците покажуваат емпатија кон другите стаорци, а научниците сметаат дека ова им е еден вид одбранбен механизам.
Како што вели главниот автор на истражувањето, кога стаорецот ќе забележи дека некој друг стаорец е исплашен, тогаш му е јасно дека можеби претстои некаква опасност, па ќе може да ја избегне.
Вид птици чувствуваат љубомора ако го видат партнерот со друга птица
Птиците од видот Sialia sialis се љубоморни ако го видат партнерот со друга единка. Според истражување од 1975 година, кога мажјаците ќе го напуштат гнездото барајќи храна, женките можат да почнат да „се дружат“ со друг мажјак. Ако нивниот партнер го види ова, станува љубоморен и, според истражувањето, почнува да ја напаѓа женката.
Слоновите отворено ја покажуваат нивната радост
Слоновите се интелигентни животни кои чувствуваат низа човечки емоции, но дефинитивно најсладок е фактот дека тие чувствуваат радост која отворено сакаат да ја покажат.
Кога слоновите се опкружени со нивното семејство или луѓе кои ги сакаат, но и кога си играат тие покажуваат знаци на радост.
Истовремено, тие буквално скокаат од радост и кога ќе бидат обединети со животно или човек од коишто биле разделени.
Мачките можат да имаат различни карактери
Оние кои чувале мачки добро знаат дека секоја од нив си има свој карактер, а ова е потврдено и со истражување од 2017-та.
Во истражувањето се анализирало однесувањето на 2.802 мачки, по што научниците дошле до заклучок дека овие животни можат да развијат пет различни доминантни карактерни особини.
Односно постојат мачки кои сакаат луѓе, им годи домашниот живот со луѓе и сакаат да одмараат, поактивни мачки кои сакаат да ловат, мачки кои сакаат други мачки, мачки кои се помалку толерантни кон луѓе и други животни, како и мачки кои сакаат да истражуваат.
Каква мачка имате вие?
Кокошките можат да бројат, но и да пресметуваат
Кокошките се многу, многу поинтелигентни суштества отколку што мислиме. Иако повеќето сметаат дека ова се животни со едноставен ум, неспособни за емоции, многу истражувања го покажуваат спротивното.
На пример, истражување од 2009 година покажало дека кокошките можат да бројат, но и да собираат и одземаат.
Истражувањето било направено со штотуку изведени пилиња, кои научниците веднаш ги навикнале на пет идентични предмети. На четвртиот ден, испитувачите им ги скриле предметите зад прегради – два зад првата, а три зад втората преграда. Пилињата гледале додека испитувачите ги криеле предметите. Потоа, повторно пред очите на пилињата, испитувачите го преместиле едниот предмет, па зад првата преграда имало три, а зад втората два.
Идејата зад експериментот е дека пилињата секогаш ќе погледнат зад преградата со повеќе предмети. Бидејќи тие гледале како се преместуваат предметите, во секое повторување на експериментот, пилињата прво погледнувале зад преградата со повеќе предмети. Што значи, тие пресметале дека штом на двата предмети се додава уште еден, тогаш зад таа преграда има повеќе.
Ист резултат добиле и кога зад првата преграда ставале 4 предмети, а зад втората 1. Потоа повторно ги преместувале, па зад првата преграда имало 3, а зад втората 2 предмети. Пилињата повторно прво ја проверувале преградата зад која имало повеќе предмети. Ова, пак, значи дека тие можат и да одземаат. Односно, пресметале дека првата преграда сепак има повеќе предмети, без разлика што едниот е преместен.
Експериментот не е повторен со поголем број на предмети, па научниците донеле заклучок дека кокошките можат да собираат и одземаат само до бројот пет.
Некои видови змии се многу друштвени и имаат пријатели
Со истражување од минатата година, научниците дошле до заклучок дека змиите од видот Thamnophis sirtalis sirtalis активно бараат социјална интеракција, преферираат да бидат во друштво, но и дека внимателно избираат со кој ќе се „дружат“.
Наводно, овие избори зависеле од храброста на самата змија, нејзината социјалност, како и возраста.
Спирова С. | Црнобело