„Трошиме до 40.000 долари годишно за храна и ветеринар“ – маж и жена кои чуваат 88 морски прасиња се хит на Фејсбук
Софи Мејсон и нејзиниот сопруг моментално се грижат за дури 88 морски прасиња, а секоја година трошат околу 9.000 долари за храна и 27.000 долари за ветеринар. Тие водат и популарна Фејсбук страница за нивните миленичиња, со чија помош заработуваат околу 55.000 долари годишно, па сега размислуваат да отворат и центар за згрижување на овие животни.
31-годишната Софи и нејзиниот 47-годишен сопруг Марк имаат 88 морски прасиња, а нивната авантура почнала пред околу четири години. Најпрво тие купиле шест морски прасиња, за кои мислеле дека се женски. Но, едно од нив било машко, па набрзо останатите морски прасиња им родиле малечки.
Бидејќи после овој настан бројот на морски прасиња драстично се зголемил, Софи си дала отказ од работното место за да може да се грижи за сите нив. Истовремено, таа и Марк направиле Фејсбук страница за нивните миленичиња и, на некој начин, ги направиле „инфлуенсери“.
Поради големата популарност на страницата, Марк и Софи заработуваат и до 55.000 долари годишно, најмногу од рекламите што ги споделуваат, но и од донации од нивните фанови. Сепак, Софи открива дека најголем дел од овие пари ги трошат за грижа на нивните миленици.
Наводно, парот троши 9.000 долари за храна и дури 27.000 долари за ветеринар секоја година.
„Навистина е скапо да се грижиме за нив. Да не ни успееше Фејсбук страницата, не би можеле да си го дозволиме ова. Тие најмногу сакаат да јадат зеленчук, кој може да биде скап, па фановите многу ни помагаат“.
Засега Марк и Софи не планираат да го прошируваат семејство морски прасиња, но штом ќе се стабилизираат финансиски, сакаат да отворат центар за нивно згрижување:
„Планираме да направиме и центар за згрижување на овие животни. Дотогаш ќе штедиме пари, но и ќе правиме забавни видеа со кои ќе ги забавуваме и едуцираме луѓето“, открива Софи.
Моментално нивната страница ја следат над 250.000 луѓе, а нивните видеа се прегледани 20 милиони пати. Милениците што ги чуваат сега се стерилизирани за да не се размножуваат, но Марк и Софи се надеваат дека наскоро ќе имаат услови да згрижат уште морски прасиња.
Софи открива дека секој ден ѝ се потребни 80 минути за да го исече зеленчукот за миленичињата и обично го прави тоа пред камера, во живо, за фановите на Фејсбук. Всушност, на страницата таа го споделува секој детаљ од грижата за милениците.
„Мислам дека станавме толку популарни бидејќи страницата е многу лична. Фановите веќе ги знаат имињата на сите морски прасиња, а добро нè запознаа и мене и сопругот. Покрај тоа, изминатава година беше ужасна поради пандемијата и карантинот, па нашите видеа им беа причина за насмевка на многу луѓе. Мислам дека и тоа имаше големо влијание врз нашата популарност“.
Софи се надева дека со помош на страницата ќе ги побие и митовите кои постојат за морските прасиња.
„Има многу митови и недоразбирања за овие животни. Но, вистината е дека тие се неверојатни и многу пријателски настроени. Тие никогаш не касаат, освен ако не се чувствуваат исплашено или не се грижите добро за нив“.
Спирова С. | Црнобело