Боли празното место на трпезата, но благодарна сум за децата што носат дел од човекот што седеше таму

Барем сега во празничниот период да се сетиме да ги гушнеме, побараме, видиме најблиските и да внесеме топлина во секоја душа за подоцна да нема каења и немири.

boli-praznoto-mesto-na-trpezata-no-blagodarna-sum-za-decata-shto-nosat-del-od-chovekot-shto-sedeshe-tamu-01.jpg

Има луѓе кои ни се неба, висини, длабочини и галаксии. Луѓе од кои човек стануваме. Тоа се личности со кои сме израснале и вложиле дел од својот труд во градбата на нашиот карактер и неговото оформување.

Но, некогаш животот знае да биде повеќе од суров одземајќи ни ги нив засекогаш, оставајќи една длабока празнина, срце поделено на делови.

Првите минути, часови, денови доаѓаат најголемите препреки со кои мора да се соочиме, прашувајќи се како без него?

Како што времето минува, така раната зараснува, од време на време знае да се отвори и да здоболи толку силно, што брановите на површината од копното ќе ги донесат сите некажани зборови, неостварени прегратки, збогувања…

Периодот кога морето е најразбранувано и со себе носи најголем бол е сегашниот. Оној во кој механички подготвуваш сè за претстојните празници, храна, облека, купуваш и со присилна, вештачка, насмевка ги собираш најблиските.

Тогаш кога влегуваш забрзана во дневната соба носејќи го лебот, само здогледуваш на масата и сфаќаш дека „најгоре“, местото е празно.

Тука стоел тој кој го имал главниот збор, кој на своите внуци им раскажувал неуморно приказни, оној на кој си се потпирала цел живот, со кој си ги пораснала своите деца на истите вредности како вашите.

Наеднаш очите ти одлетуваат кон твојот син, а потоа твојот внук. Тогаш не можеш да престанеш да рониш солзи и само заминуваш набрзина во твојата соба.

Ја земаш старата фотографија на која сте сите заедно, се уверуваш колку гените го сториле своето и колкав дел носат вашите потомци кои се наследени од него.

Само молкум излегуваш, а кратко пред тоа помислуваш на него, дека можеби некаде со ангелите те гледа од горе и единствено нешто што би го растажило е да те гледа таква.

Затоа се враќаш каде што беше. Наместо во плач како досега, во смеа им кажуваш колку прекрасен човек некогаш седеше на тоа место.

Ја пушташ омилената песна и дозволуваш да трепка во тебе. Да се разбуди магијата и празничното чувство по кое копнееше.

Барем сега се насмевнуваш благодарна за дарот од Бог твоите деца да носат дел од себе што му припаѓа на најпрекрасниот човек некогаш.

Зборовите сами ти одекнуваат, лекцијата дека животот е брз, забораваме да се јавиме на родителите денес, поради работните обврски целата вина ја истураме врз нашите деца, наместо да испиеме кафе со најдобриот пријател или да се видиме ние се лутиме зошто тој не нè побарал. Денес сме сите на број, но утре не.

Барем сега, барем во празничниот период да се сетиме да ги гушнеме, побараме, видиме најблиските и да внесеме топлина во секоја душа за подоцна да нема каења и немири.

Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!

Автор: Анастасија Малеска

Фото: pexels.com

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg