Искрена приказна за една Македонка: „Таа почна да има панични напади, еден ден ја болеше желудникот, следен ја стегаше срцето“

Искрено за првиот секс со маж што не го сакала, за работата во која блеснала и за преобразбата од млада безгрижна девојка во константно загрижена девојка со панични напади. За константната посета на лекари, терапија од психијатар и желбата за пронаоѓање на духовен мир... Во чевлите на една девојка од Македонија.

iskrena-prikazna-za-edna-makedonka-taa-pochna-da-ima-panichni-napadi-eden-den-ja-boleshe-zheludnikot-sleden-ja-stegashe-srceto-01.jpg

* Приказната е за девојка што потекнува од помал град од Македонија. Користено е измислено име Клаудија.

Клаудија беше лудило сама по себе. Навидум ладнокрвна, кул личност, девојка која не живее по правила. Животот „под конец“ за неа беше глупаво клише, илузија која ги задоволува ограничените луѓе без креативен ум и кои не ги погледнале широките хоризонти на она што го нуди животот.

Не ја интересираа туѓите мислења, никогаш не бараше совет од никого, бидејќи и кога би побарала, го правеше тоа што и велеше нејзиното лудо срце (тоа и во понатамошниот дел нема да се промени). Додека сите ги доживуваа работите некако по ред, како што треба да биде, кај неа беше сè испревртено.

Првото интимно искуство беше со човек кој не ја сака, а ни таа него. Додека сите зборуваа за тие први моменти, таа за нејзиниот не можеше да ги најде соодветните зборови и импресии (човекот не е ни вредно да се спомене овде).

Нејзините пријателки во родниот крај беа во врски, едната во долга (која сега е завршена) а другата во неколку пократки. Клаудија бегаше од врски, бегаше од луѓе кои имаа потенцијал да ја сакаат и пружат сѐ. Едноставно тоа не ѝ беше во нејзина замисла.

Студираше во главниот град, имаше многу пријателки со кои одлично се забавуваше. Никогаш за ништо не тажеше, ништо не можеше да ја растажи, ниту луѓе, ниту одбивања, критики, ниту настани. Едноставно избираше да блеска.

Нејзиниот утрински ритуал беше омиленото турско кафе кое сама најубаво си го спремаше. Го пиеше кафето додека слушаше радио и тргнуваше да го освојува денот. На факултет ги расположуваше сите со енергијата која во ниеден момент не покажуваше загриженост, што ги чудеше сите останати.

Од оваа денешна перспектива ѝ беше чудно како сите тие денови ѝ поминале толку лесно, сите испити поминати без тронка стрес. „Подобро да умреш од страст отколку од досада“- вели добро познатиот Пауло Коелјо и опишува сѐ во што таа веруваше. Тие одлични четири години никогаш нема да се заборават.

Семејството на Клаудија се луѓе кои од мала одлично ја воспитаа, да биде добра, културна, повеќе да молчи отколку да зборува. На нејзиниот татко се огледуваше во храброста и успехот во кариерата. Мајка ѝ беше кротка жена која во тие дваесет години откако дошла, дава сѐ за своите деца. Брат ѝ беше спротивност од бунтовната Клаудија, и за тоа мирно дете таа посакуваше еден ден да ја работи работата што ја посакува одамна.

Една топла летна ноќ, сѐ започна со еден паничен напад. Нејасна појава, за самата личност, во којшто момент мислиш дека е крај со тебе. Помина, но мислеше дека тоа тука завршува. Но не. Нападите продолжуваа, но не веруваше дека тоа подоцна ќе се трансформира во други облици.

Есента Клаудија за првпат се вработи. Сѐ почна спонтано, отпрвин спротивно на она што таа го имаше замислено во однос на местото на живеење. Клаудија беше девојка што се даваше цела, со срце и душа, со цела своја сила и за сѐ го даваше својот максимум.

Прво работно место а таа беше ангажирана како што не била никогаш. Нејзината мотивација гореше, а посветеноста само растеше сè повеќе и повеќе. Но паниките беа вклучени во секој аспект. Страв, пот, болка во срцето, агонија дека нешто ќе се случи, стана нејзино секојдневие.

Клаудија веќе не беше истата личност. Секојдневна болка во градите, страв од смрт. На тоа следуваше една проверка на доктор, на која сѐ беше во ред. Но ова е монструм којшто те тера да не застанеш тука.

Еден ден ја болеше желудникот, па отиде да го провери него. Следен ден беше стомакот, па упорно одеше да проверува сѐ детално во секој болнички оддел.

Нејзините пријателки од детството веќе не ја препознаваа, а колешките се чудеа. Нејзините надлежни со тек на време ја препознаваа нејзината вредност и труд, бидејќи и покрај сево ова, таа даваше максимум.

На некои им беше смешно и бесцелно, но неа ѝ доаѓаа идеите сами од себе. Но нешто беше сменето. Таа не можеше да ужива во пофалбите, признанијата, во испиената чаша добро вино, за што сигурно претходно би скокала од радост. Од каде ова? Зошто мене? Прашања на кои нема одговор.

Проверките на доктор немаа крај, по една следуваше друга, а Клаудија веќе не гледаше розов крај на сето тоа. Отиде да го провери дури и срцето, и откако се увери дека навистина сѐ е во ред, следуваше мирен период. Отсуствата од работа можеа некако да се оправдаат со веќе увидената нејзина вредност.

Во еден момент таа помисли: Погледни Клаудија, ова е тоа што го сакаше, доби авторитет на твоето прво работно место, клиентите бараат помош од тебе, оние за кои си била небитна единка, добиваш одговорност на твои години за цел оддел во кој работиш. Треба да си прерадосна Клаудија еј, девојко!!! Но монструмот рече - тука сè уште не е крајот.

Еден ден ја обзедоа мисли дека нешто не е во ред со нејзиниот ум, дека се губи, некоја чудна неприсутност од која мислеше дека полудува. Тоа е страшно чувство, веќе не е страв од смрт, туку страв од полудување. Се бореше со таа агонија краток период, во кој никој не знаеше за тоа. Но тоа не се издржуваше.

Немаше апетит, чувствуваше дека не присуствува во секојдневието, такво нешто не се посакува на никого, тоа е ужасно, нешто што не се опишува. Одлучи да се обрати кај блискиот психијатар кој веднаш ѝ кажа дека таа е сосема нормална, но премногу се измачила во себеси, а и предолго. Беше неопходна терапија која таа ја прифати.

Ништо не ти е, но сѐ ти е. На почетокот беше претешко, целото тело секојдневно ѝ се стегаше и наутро немаше волја да стане од кревет. Не уживаше во ништо, не јадеше, сакаше да скокне од некаде. Го стегаше телото секојдневно и се бореше да го преживее денот.

Навечер легнуваше со помисла дека следниот ден ќе биде пак лошо. Никој не помислуваше дека таква девојка може тоа да го доживува. Се присети и на прашањето на еден стар сосед: Клаудивче што сакаш прво кариера или љубов? А таа отсечно: Кариера соседу, сакам да бидам успешна.

Сега чекореше кон успехот, но демоните ја мачеа секојдневно и не можеше да го ужива истиот. Ѝ пречеше задоволството на пријателките, не од завист (таа никогаш не завидуваше на никого, предлабоко ги анализираше сечии чувства, затоа и патеше во себе), туку од сопствената состојба.

Еден убав сончев ден, погледна еден дечко, кој инаку веќе го знаеше од низ град. За првпат, таа му пиша прва. Кој би рекол дека во сета таа состојба, баш него ќе го доживее како лек.

Многу ја потсетуваше на неа. Ладен, воздржан, она кое таа го бараше цело време, а толку сладок и убав, како да се споило слаткото и мажественото во исто време.

Пишувањето и излегувањето со него ја натераа да заборави на терапијата, на сето претходно. На свои 25 години за првпат се заљуби во некој, кој ништо посебно не правеше за неа, ниту пречесто се гледаа во тие два месеци.

Дури и размислуваше да ги прекине своите лекарства, бидејќи мислите секојдневно ѝ беа насочени кон него. Посесивноста кон нешто што ќе го засака, беше својствено за неа, таа целосно се посветуваше. Му подаруваше чоколатца, слатки мали работи кои беа поврзани со него, таа го правеше тоа од срце, несвесна дали треба или не.

Всушност таа одеше со цела душа во сѐ секогаш верувајќи дека и она што се чини невозможно, може да се промени. Но, се чини дека почна тешко да ѝ оди, знаете кога чувствувате дека е еднострано, но не сакате да се откажете? Не дека таа го доживуваше како трофеј, ама беше веќе многу вљубена, а во таков случај веќе немаше назад за неа.

Веќе јасно ја тргаше од себе. Наутро плачеше и планираше како ќе го поздрави тој ден, да биде нежна и што може да направи слатко за него тој ден. Навечер повторно плачеше, но се обидуваше да го сфати и него. Не може некој да ти возврати ако не го почувствува истото што и ти. Таа помисла секој ден ја „јадеше“.

Скорпијата овде беше преслаба. Но сè уште продолжуваше, плачејќи се надеваше дека еден ден ќе ѝ возврати полека полека. После испиеното апче гледаше да блеска.

А дали вреди? Не знам драги читатели, таа сè уште не се откажува, иако ѝ беше кажано дека од него еден ден ќе ѝ се здосади.

А сега, Љубов или Кариера?

Љубов, дефинитивно.

Автор: Климентина Целеска / фото: depositphotos.com

Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg