Човекот е господар на зборовите кои не ги изустил, а роб на оние кои му излетале низ уста
Луѓето често знаат да зборуваат без да размислат за последиците, без да размислат дали ќе повредат некого или не.
Поради тоа, треба да внимаваме што зборуваме и да размислиме двапати пред да кажеме нешто. Затоа што ние одлучуваме што ќе кажеме, а што ќе премолчиме, и никој не смее да ни се меша во тоа. Пред да кажеме нешто, треба да знаеме дека тие зборови не можеме да ги вратиме назад.
Сите ние, свесно или несвесно, имаме кажано зборови со кои имаме навредено или излажано некој. На тие зборови, доживотно ќе им бидеме робови, ќе ѝ бидеме робови на нашата навреда, но и на нашата лага.
Денес сите ја кажуваат „вистината“ така како што нив им одговара, така како што сите сакаат. А, една лага води кон друга и поради тоа, подоцна е скоро невозможно да се соочиме со вистината, невозможно е да ја прифатиме таква каква што е.
Но, вистината, колку и да сакаме, не можеме да ја промениме, колку и да била болна. Сепак, вистинското прашање е - дали таа постои? Бидејќи ние живееме во еден свет каде што владее лагата, каде што таа се користи на местото на вистината.
А, навредите - што со нив? Навредите се сè почесто околу нас. Колку и да сакаме, не можеме да ги одбегнеме, бидејќи на никој не му е грижа дали некој ќе биде повреден.
Понекогаш е тешко да сме искрени, но тоа не значи дека не треба да кажеме „извини“ за тоа што сме го направиле. Треба да бидеме искрени затоа што ако лажеме, ќе го повредиме некој повеќе отколку ако сме му ја кажале вистината таква каква што е.
Постојат многу моќни зборови, а тоа се добрите и лошите зборови. Ние господариме со двете. Помоќни зборови со сигурност се добрите, а за најмоќни се сметаат: ти благодарам, те сакам, извини и многу други. За лоши зборови се сметаат сите зборови што ќе повредат некого. Со еден од овие зборови можеме да поправиме нечие расположение, но исто така и да го уништиме. Поради тоа, треба внимателно да ги одбираме зборовите што ќе ги кажеме.
Еве една приказна за тие моќни зборови:
Михаил секогаш ги користел лошите зборови, сите ги навредувал. Поради тоа, децата често го избегнувале и не сакале да се дружат со него.
Еден ден Михаил го видел Никола и го навредил за облеката што ја носел. Но, тој не знаел дека Никола бил од сиромашно семејство и дека неговите родители работеле за мала плата. Потоа ја навредил и неговата сестра Марија.
Кога дознал за родителите на тие деца, Михаил се засрамил и отишол кај нив да им се извини, поради тоа што ги навредил без да ја знае вистината, без да размисли како тој би се чувствувал кога би бил на нивното место.
Тогаш Михаил сфатил дека не треба повеќе да ги навредува луѓето, па затоа наредните неколку недели Михаил ги избегнувал лошите, а почесто ги користел убавите зборови и внимавал на целото негово однесување.
Кога другите деца го виделе тоа, не го избегнувале повеќе, затоа што знаеле дека нема да ги навреди за тоа како се облечени, како одат или што прават.
Што е поуката од оваа приказна? Поуката од оваа приказна е дека треба уште од сега да научиме правилно да господариме со зборовите за да не се најдеме во истата ситуација како Михаил, за да не бидеме и ние робови на зборовите кои веќе сме ги кажале.
Автор: Ангела Секоска
Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!