На крајот, на истото тоа небо, кај тие облаци се чекаме...

За некои ќе бидеш добар, за други лош, но на крајот од денот до тебе ќе останат само оние на кои им значиш нешто. Другите, заминале уште пред да падне мрак, се впиле и ѝ се покориле на тишината.

na-kraj-na-istoto-nebo-kaj-tie-oblaci-se-chekame-01.jpg

Тие не ни биле тука. Дали сакајќи или не, заминале.

Имајќи избор, решиле да стават до знаење дека повеќе се вреднуваат себе. Не дека немаат вредност, далеку од тоа, само малку е мизерно, многу е мизерно кога за да се издигнат, ќе посегнат по твојата.

За сѐ постои решение, за сѐ постои збор и одговор, но на свртен грб му нема „чаре“. Не е нешто комплицирано, не е нешто тешко навреме да се каже она што смислено се крие. 

Само, честопати се случува многу да внимаваме да „не повредиме” некој, па ете така, наеднаш го столчуваме до срж.

И баш така „наеднаш”, сѐ почнува да се менува. Ништо не е како порано. Тоа што одговарало, одеднаш се губи како траг во ровкиот снег. Замрзнати чувства подготвени да пукнат како проникнат мразулец се шетаат по луѓево, а ретко кој да признае дека сме демнети од иста ламја, дури и кога спиеме.

Денес е денес, а утре е утре, справувај се најпрво сам со себе. Ако почнеш од другите, нема далеку да стигнеш. Сите сме такви - го критикуваме она што сме го барале, а не сме го нашле во себе.

Очекуваме да го најдеме таму некаде. Не признаваме, но на сите ни се случило, ќе ни се случи или ни се случува она што го критикуваме. Прашање е време и простор, прашање е кога и каде. За сигурен ден, никој од нас не знае.

Сепак, смелоста да дефинираме личности без да ги запознаеме никогаш нема да нѐ издаде. Како баш од нас да се чека мислење, како од нас да се чека судење, а боли кога нам ни судат.

Знаеме да застанеме во погрешни сценарија, под уште попогрешни режисери и да очекуваме совршени резултати. Знаеме да бидеме и „сами свои мајстори“, па да „измајсториме“ работи што не сме ги ни сониле. Знаеме да почекаме емоциите да стивнат, нешто да тргне на подобро, а тоа оди сѐ подолу и подолу.

Знаеме да се насмееме на туѓа слабост, негледајќи дека нашата е видливо подрастична од онаа кон која со прст вперуваме. За чудо или не, некогаш си се смееме и самите на себе, зарем е нормално? А, што е нормално, кој управувачки критериум се зема за валиден? И постои ли таков кој е „најнормален” од сите, па да ги брои грешките и да биде сигурен дека никако, ама никако нема да ги повтори истите?

Зошто е позабавно гледањето како нечија планина се претвора во вода, отколку желбата да застанеме рамо до рамо и да се бориме да ја направиме тврдина? Се губат од видик таквите што знаат да те гледаат во очи, да те гледаат како човек.

Каков и да си, никој не е подобар од тебе, само има разлика во истакнување на вредностите и слабостите. Полесно е да се каже вистината, за ден два поминува. Лагата знае да трае години и години, да се ткаат спомени и спомени, па сѐ наеднаш да потоне како дотрајано чамче. Водата, пак, иста ќе биде, но тоа што потонало некому значело сѐ.

Некој легнувал и се будел со таа помисла, некој плачел и се смеел со таа помисла, кога не знаел што ќе биде. Како за кратко нештата доаѓаат и се губат, за уште пократко време никој не знае, но секој знае како е. Сме имале или „имале“, сме биле или „сме биле“, нѐ сакале или „нѐ сакале“, на крајот од денот, неважно е. Важно сме живееле.

Со сите луди позитивци и фрустрирани негативци сме поделиле дел од нашето неизмерно драгоцено време и тоа не можеме да го вратиме.

А вербата, вербата дека се може и мора да биде ќе ја чуваме како штотуку испилено пиле, кое еден ден ќе се вивне до облаците и ќе ѝ покаже на планетата дека ние луѓето, луѓе сме.

На истото тоа небо, кај тие облаци се чекаме…

Автор: Сузана Николова

Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg