Дечко ми зјапа по силиконските кукли во кафулињата, како да се чувствувам УБАВА?
Добро утро! Се будам чувствувајќи се одморено, свежо и убаво. Исполнета со она утринско чувство станувам и се подготвувам за денот. Се гледам во огледало. Некоја убава енергија ми носи природната убавина која ја имам. Баш ми е убав денов!
Одам во тоалетот и ја вршам секојдневната хигиенска рутина. Потоа, се подготвувам за работа, и секако, не изостaнува моментот, како што кажуваше мојата сакана баба, морам „да си ставам малку здравје на лицето". Завршив со шминкање и подготвена со нежна дневна неприродна убавина се упатив на работа.
Си ја сакам професијата многу. Даскалството е една од најблагородните професии за човештвото. Но, и работата ми дава простор да се чувствувам своја и природна, по лефтерна облека и без многу потресување за изгледот - тоа е она кога секогаш си средена, а сепак изгледаш природно и едноставно комотно ти е.
Поминува уште еден помалку или повеќе успешен работен ден и се враќаш дома. Започнуваат повеќе посакуваните поминати часови од мојот ден. Плановите за шетање на кафе или некоја кафеана започнуваат. Да, во целата приказна изумив да напоменам дека имам дечко и дека го сакам искрено. И секако во поголем дел од плановите спаѓа и тој.
Се договарам за излегување со желба да се дотерам и да си изгледам најубаво за себе! Кога велам за себе, навистина мислам за себе!
Одбирам комбинација која ја чувствувам како добитна за вечерта. Добитна во овој контекст во мојот речник значи оној момент на чуство кога ќе облечеш нешто и ќе се спремиш такашто ќе се чувствуваш толку добро и убаво што во моментот ништо не те интересира.
Се гледам во огледалото и едноставно си се обожавам себеси. Очите, лефтерно пуштената коса, широките колкови, убавите нозе. Едноставно се на свое место! Така, полна себе, излегувам со дечкото и друштво.
Дечко ми е по затворен тип и не искажува кога нешто му се допаѓа, но знае често да искоментира дека убаво изгледам. Тоа ми значи.
Влегуваме на предвидената забава и се сместуваме. Музика убава, позитивно друштво и вечерта може да започне. Пијачките пристигнуваат и „сè тече како подмачкано." Се вртам наоколу, знаете она колку само да видам кој има и дали познавам некој. Ништо не ми упаѓа во очи како што ќе забележам во целата таа толпа една, две и многу останати убави, дотерани девојќи. Еднаш, два пати ми одвлекуваат внимание.
Сè е супер се додека не го изнесам фактот дека се силиконски кукли. И не, не ме разбирајте погрешно, не се виновни што имаат средства да си овозможат да ја негуваат својата убавина на таков начин. Јас тоа го прифаќам и ако кажам дека да имам опција не би постапила слично како нив, би излажала. Вниманието е со фокус на тие девојќи и истото продолжува така.
Го забележувам и мојот дечко „незабележително“ си ги гледа. Тука почнува таа психичка голгота дечки. Ние обичните девојки без силиконски трендови на себе почнуваме да се чувствуваме чудно некако. Тоа што го видов во огледало пред да излезам ми се губи некаде и расположението ми паѓа. Ми врие нешто од внатре и чувствувам гнев. Некако вечерта веќе не е тоа тоа. Знаете, кога почнуваш да се чувствуваш недоволна за нечии очи, па трага по нешто интересно и најсовремено на страна во толпата? Колку и да звучи банално такво чувство ми се раѓа.
Некој ќе рече : „Девојко, ај жити се поработи си на самодовербата!“. Драги мои, можеби и не е така, бидејќи денес и најдобро оформените девојќи се со нарушена самодоверба. Знаете ли зошто? Бидејќи тежнеат кон идеално, а не знам дали паметите дека до сега не сте слушнале дека идеално постои. Се чувствувам лошо и криво ми е што е тоа така, бидејќи сум една од многуте девојќи во градов, државава и светов чии денешен репер за убавина се старлетите на Инстаграм и Фејсбук.
И не сакам да биде тоа така, меѓутоа доколку не влезеш во бубањот на современието, ниту ќе си најдеш партнер, а ниту ќе го задржиш. Знам, жалосно е што е така и токму затоа пишувам. Бидејќи секој пат кога ќе се почувствувам физички запоставено бидејќи немам силиконски усни и подигнат задник ми е тешко и се чувствувам разочарано и без желба за што било таа вечер повеќе.
Не знам со која моќ го направија социјалниве мрежи тоа, дали со филтери за слабеење на слика, контурирање или со разни апликации за разубавување, но едно знам и сигурна сум, а тоа е дека ниту една девојка од сите нас нема некогаш да рече - денес сум задоволна со својот изглед, и нема да тежнеам кон идеалното.
Да, драги девојќи, знам дека повеќето се чувствувате како мене и знам како болат погледите вперени кон тие силиконски убавици. Ви прават чувство на ниска вредност, запоставеност и немоќ на вашата женска природа.
Повторно ќе кажам, сум ЗА, ЗА сè што ја негува женската убавина, но ова преоѓа во посесивност и БОЛЕСТ! Дајте да се оправиме со време, пред да се уништиме, и да трагаме по изгледот кој го негува природата.
Во ред, да коригираме нешто што ни пречи, меѓутоа десет пати да размислиме дали ни пречи заради себе или заради општествените норми за убавина. Дали носам комплекс за тоа од мала и од дете, или пак од последната девојка што ја видов на излегување или на слика на Инстаграм?
А да, момци покрај нас девојките и вие треба да поработите на себе. И да забележите дека постои и нормален свет на девојки во кафуле, диско и кафеана, кои е нормално да имаат крив нос, клемпави уши, ситни усни или некоја помала или поголема облина од стандардните. Тука лежи уникатноста драги мои, уникатноста која пополека нè оболува и изумира.
Автор: М. Д.
Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!