Конечно се вљубив во чесен дечко, но тој да ти бил мамино галениче - хорор!
„И им даде човекот имиња на сиот добиток, и на птиците небески и на сите ѕверови полски, но за човекот не се најде помошник сличен на него. Затоа Господ му прати на човекот тврд сон, па кога заспа му зеде едно ребро и местото го пополни со плот. И Господ Бог создаде жена од реброто, што го зеде од човекот и ја доведе кај човекот. а човекот рече:
„Еве сега коска од моите коски и плот од мојата плот. Нека и биде името жена затоа што е земена од мажот! Затоа ќе го остави човекот таткото свој и мајката своја и ќе се прилепи кон жената своја и обајцата ќе бидат едно тело“
Да, да. Едно тело, но секогаш тука да бидат мама и тато.
Зборувам за мојот дечко, за дечкото на мојата другарка, за мажот на мојата друга другарка, за вереникот на мојата трета другарка, за скоро сите „мажи“ во мојава околина, но кога ќе ви прочитате за што зборувам ќе ви стане јасно.
Пред 2 години запознав прекрасен дечко по име Тео со волшебни зелени очи и полни усни. Најпрво почнавме да се дружиме и вистина секој негов став ми се допаѓаше, и времето поминато со Тео како да леташе.
Често се прашував: „Хера дали вистина може олку добар и чесен дечко да ти се допаѓа?“. Јас сум во суштина ексцентрична личност на која отсекогаш и се допаѓаа повеќе лошите момци, не ме интересираше ништо друго освен забава, но поминувајќи повеќе време со Тео, кој има најчиста и најмила душа, чувствував дека постепено јас се вљубувам во него, не чувствував само пеперутки, туку во стомак чувствував цело животинско царство.
Почнавме да се гледаме извесен период, па врската ни одеше доста добро. Почнавме да живееме заедно и како што рекле, за да ја знаеш доволно личноста мора да живееш со неа. Родителите на Тео како единствено машко дете во фамилијата премногу го имаа разгалено.
Па добро бе родители? Вашите синови што имаат 32 години не ги научивте дека треба сами да се будат за на работа, дека треба сами да си го испланираат денот, дека треба сами да си направат појадок, дека треба сами да си испеглаат алишта и да ги облечат?
Дека треба да се самостојни, а не мамини галеничиња којшто за секој проблем ја бараат мама?
Како овие синчиња што толку ги имате разгалено утре ќе живеат кога вас ќе ве нема?
Кој ќе им ги собира алиштата, кој ќе им ги пере и пегла истите? Како тие ќе се хранат кога ќе ве нема вас?
Како што Тео ми рече: „Ти Хера, ако сакаш да ми си жена мора да си голема домаќинка, ти сè да средуваш, како може мојата мајка сè да прави, а ти не?“
Но, Бог промислено одлучи да ја создаде жената од средината на мажот, за да ја истекне нејзината еднаквост со неа.
И сега се прашувам која еднаквост?
Еднаквоста дека јас ќе извршувам сè, а тој само ќе си седи и ужива, нели сложни браќа планина поместуваат?
Кога по извесен период со моите другарки зборувавме за оваа тема, сфативме дека секоја од нас го има тој проблем. Дечкото, мажот, вереникот, сите се мамини галеничиња кои никогаш нема да се сменат, а за тоа се криви самите родители.
Зошто? Уште не ми е јасно...
Автор: М. K.
Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!