Шолја утринско кафе и голтка тишина – за добар почеток на денот
Имам навика да пијам кафе наутро, сама, во потполна тишина. Да размислувам за работите кои и сама знам дека нема да се случат. Ми дава мир, ми ја одмара душата и прочистува разумот.
Па, како секое утро и ова. Но, се случи нешто неочекувано. Додека ја голтав првата голтка од кафето и го слушав ритамот на есенскиот дожд, поминаа двајца потполни странци. Стари, изнемоштени луѓе. Сопруг и сопруга. Си даваа поткрепа еден на друг бидејќи беа престари за самостојно да одат.
Подгрбавени, со износена, искината облека, но со насмевки доволно големи да го соберат целиот свет. Не можам да ја опишам глетката, освен да кажам еден збор – љубов. Вистинска реткост...
Ми разбудија многу прашања од секојдневието и недокажани мисли свиени во страниците на некој тетратка. Но, во исто време и ме освестија.
Ние младите – Што правиме? Кон каде целиме? Што сакаме во животот? Да не претеруваме со нашите барања?... Ми се преполни главата со секакви мисли. Зошто деновиве нема вистинска љубов? Каде исчезна? И не, не само љубовта каде исчезнаа сите вредни работи во светот.
Кога велам вредни, мислам на она што не се купува со пари. Врски без обврски, млади без работа, бракови без љубов, луѓе без човечност... Дојде време кога човекот се цени по облеката што ја носи и автомобилот што го вози.
Не се гледа повеќе големината на срцето, туку големината на паричникот. Дојде време кога оние лицемерните зборуваат за љубов и нè „учат“ како да сакаме, иако и тие самите никогаш ја немаат почувствувано.
Не знаат како е да имаш пеперутки во стомакот, како е да имаш пламен во срцето. Сите со маски, а не учат да бидеме свои. Сите преоптеретени со нереалните стандарди за убавина. Па, како сите така и ти.
Си одиш дома после напорниот ден, се погледнуваш во огледало, плачеш, си велиш себеси дека си грд и недоволно слаб. И најлошото од сè е тоа што и утре ќе го направиш истото.
Посакувам да можеше да се сака без завист и љубомора. Посакувам сè уште да имаше вистинска љубов. Ми потече врела солза по образот. Ми текна на онаа старата – „времето лечи сè“. Си подголтнав.
Ми текна на фактот дека сум девојче – идна жена. Ми текна колку пати во животот ќе ми биде речено дека не можам да направам нешто затоа што сум од понежниот пол. Ми потече уште една солза, ми застана кнедла во грлото. Кнедла полна горчина. Сакав да се извикам и да ми олесни.
Ништо не е поважо од меѓусебната љубов и поддршка. Ни кариерата, ни степенот на интелигенција, ни паричниот статус. Не сакам пари, сакам здравје, сакам среќа и љубов. Сакам да знам дека кога ќе имам 80 години и едвај ќе одам, ќе има некој кој ќе се грижи за мене.
Сакам да имам некој со кој пријатно ќе споделам минута молк. Сакам да се облекувам како сакам, без да бидам осудувана за тоа.
Сакам да пронајдам некој кој ќе израсне цвеќиња во најмрачните делови од мене. Сакам луѓето да престанат да целат кон совршеноста.
Сакам да знаеш дека ти што читаш си многу повреден од колку што мислиш. Сакам да знаеш дека ти си единствениот кој ти стои на патот до успехот. Соочи се со самиот себе. Слушај музика, смеј се, живеј, сакај, патувај, простувај, изеди го последното парче пица и биди свој пред сè.
Заборави ги грижите кои ги имаш, затоа што наскоро ќе се смееш за нив. И не заборавај дека убавото лице и убавото тело ќе остарат, но убавата душа и убавото срце остануваат засекогаш...
Ја допив последната голтка од кафето, ги избришав солзите. Погледнав кон небото. Се појавило виножито. Се насмевнав. Застанав на нозе никогаш посреќна и со поголема мотивација отидов да си направам појадок.
Автор: Талија Ѓорѓиева
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!