Ја оставив, не мислев дека е засекогаш

Другар, згрешив. Мислам дека ја направив најголемата грешка во мојот живот. Ја оставив. Повторно, знаеш. Ама ова не е од тие „врати ми се“ оставања. Ја оставив засекогаш.

ja-ostaviv-ne-mislev-deka-e-zasekogas-01.jpg

Не се збуни. Нејзиниот израз на лицето ме смрзна. Како да и` беше сеедно. Како да го чекала овој момент. Како куферите да ги пакувала во некој ќош од прашината која ја оставав секогаш кога излегував од нејзиниот живот. Не рече ни „збогум“, не се поздрави. Летна како птица која долго ја чекала слободата од својот заробенички кафез. Со насмевка излезе.

Излезе од истата онаа врата од која јас влегов во нејзиниот живот. Клучот го заврте и продолжи со цврсти чекори.

Долго ја гледав, другар. Не се сврте назад, ниеднаш. Не се сврте да го здогледа погледот за кој велеше дека живее. Не се врати да ја обнови насмевката која беше поважна од нејзината сопствена.

Запали пламен и го остави да гори. Дури ниту чадот не го почувствува. Истрча од мојот живот како победник во маратонска трка. Го прими наградниот медал и се закити.

Стана позната, успеа. „Фаца“ станала другар. За мене не прашувала, слушам. Ама никој немала. Јас друга љубам, проклетство. Морав некако да го закрпам скинатиот џеб на болката. И не дека со неа успеав да ја заборавам. Сакав само да ме гледа како сум среќен со друга. И што очекував? Да аплаудира на мојот успех да живеам без неа? Да ми се поклони? Да ми спушти капа? Не знам ни самиот, едноставно инаетот ги пополни коморите на моето смрзнато его.

Ем ја оставив, ем очекував да ме бара. Да плаче, да пати. Да слушам дека е несреќна, дека тага нижи наместо бисери.

Ама сум се излажал, по којзнае кој пат. Не е среќа она што го гледаш. Јас со друга сум несреќен, таа е сама ама посреќна не била.

И ја мразам. Мразам што ме заборави. Мразам што не ме бара во ноќните часови кога алкохолот знае да биде единствен пријател. Мразам што мојот број не го памети. Барем со непознат да ѕвонеше, гласот да ми го слушнеше. Да дојдеше во овој проклет град, да ме испрати по ѓаволите. Да зборува наоколу дека ја уништив, ја повредив. Да не сака да ме види.

Ама, боли брат. Најмногу боли таа ладнокрвност во нејзините очи. Ниедно средство не ми помага да го вратам нејзиното внимание. Тоа внимание кое некогаш ми сметаше, ме гушеше. Тоа ми треба.

Јас сум себичен. Премногу. Да ја сакав ќе се радував на нејзината среќа, а види ме... Гледајќи ја неа среќна, се давам сè подлабоко во сопствената несреќа.

Автор: Кристина Цонкинска

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука! 

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg