За утрото со неа

Утрата се секогаш чудни нешта, посебно оние кои започнуваат малку порано колку да се почувствуваат првите зраци од сонцето кои си го нашле патот преку дупчињата на спуштената ролетна и ја украсуваат собата.

za-utroto-so-nea-01

Утрата се оние кои помагаат да се пребродат незгодите од минатиот ден преку ноќта.

Беше еднаш едно сончево априлско утро во туѓа соба во која веќе одамна не припаѓав. Лежев сам на големиот кревет потпрен со главата на ѕидот гледајќи низ отворените врати на балконот.

- Добро утро - рече одеднаш поминувајќи низ отворената врата од другата страна на собата држејќи зелена шолја со кафе во рацете.

- Не е добро - реков додека ми го подаваше кафето.

Откако ги затвори вратите од балконот, моето единствено прибежиште за отпуштање на вишокот мисли седна до мене на креветот. Собата мирисаше на кафе и изгорена љубов.

Од друга соба можеше да се слушне тивко стара песна која најверојатно одеше на радио, заборавена песна на која утрово некој се сетил. Песна која носеше спомени од други приказни кои воопшто не се совпаѓаа со оваа, ова утро.

- Што се случува? - праша со чуден израз на лицето обидувајќи се да ме погледне директно во очи.

- Не спиев воопшто, тоа е сè - лажев.

Се напив голема голта од кафето кое веќе беше изладено. Ова утро веќе престана да има смила, не носеше убав ден, знаев. Се најдов во соба во која не можеше да имам убаво утро.

za-utroto-so-nea-1.jpg

Станав и појдов до балконот, ја отворив едната од тесните врати и се потпрев внимателно на стаклото од вратата, гледав во празно. Полека чувствував како зад мене се приближува.

Се потпре на мојот грб, а потоа ми ги вклешти нејзините раце околу мојата половина, а со едната страна од лицето се потпре на задниот дел од рамото, стоевме така неколку минути.

- Морам да одам - реков отсечно додека се ослободував од прегратката.

- Само што дојде, се немаме толку многу време видено - рече со сè уште мил тон во гласот.

- Знаеш дека ова беше грешка - реков без да размислам за последиците додека се подготвував.

- Синоќа не викаше така - рече сега веќе со горчина и повисок тон додека на лицето и се оцртуваше иронична насмевка.

- Добро знаеш дека синоќа не можев да мислам - реков додека ги врзував врвките од патиките. Го замразив ова утро...се замразив себе.

- Глумиш дека си сменет, а всушност си истиот, нема каде да одиш. Овде се враќаш, секогаш ќе се враќаш - рече додека повторно седна на креветот, а на краевите од очите се гледаа солзи кои во никој случај не сакаше да ги пушти.

-Можеби - само реков иако имав толку многу што да кажам.

Порано на работ од вратата од која излегував ме испраќаа насолзените очи кои едвај ја чекаа следната средба, истите тие очи сега полни со очај кои останаа во собата.

Си ветив себе си дека веќе нема да се вратам иако од некој ќош во душата ми одекнуваше тоа „можеби”.

Утрата отсекогаш се чудни нешта. Помагаат во пребродувањето на незгодите од минатиот ден, минатата ноќ, на грешките и учењето од нив.

Сепак, посакав да немам вакво утро никогаш повторно.

Автор: Б. С.

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg