Жртва си единствено на својата гордост
И ќе ја видиш низ град, таква каква што длабоко посакуваш да е.. но на површина срцето не ти ја прифаќа - среќна!
И за миг ќе посакаш да не веруваш во тоа, да ѝ погледнеш во очите и да ѝ прочиташ тага.
Да ѝ пронајдeш некој скриен копнеж со кој го извикува твоето име длабоко во грлото, а сепак се воздржува и се смее гласно. Таа гласна насмевка ти одѕвонува постојано, те буди во ноќите..
Посакуваш да отрчаш кај неа и да ја прегрнеш, да ја заробиш во прегратки како некогаш, но потоа се сеќаваш дека не е веќе твоја... и тие нејзини прегратки сега припаѓаат на друг.
Ги мразиш утрата, а ги мразиш и ноќите. И чашите прелиени со жестоки пијалаци, имаат само вкус на очај и ништо друго. Ги поливаш раните на срцето кои само повеќе ти разгоруваат.
Очи без боја, усни без вкус, тела без топлина.. ти се провлекуваат низ прстите како ветар, ниедна различна а ни најмалку слична на неа.
А која е таа? Само уште една како нив...но што ја издвојува?
Тоа што не научи како да биде роб на твоите желби и барања, тоа што не успеа да ја задржиш како резерва во твојот златен кафез додека драгоценото време секогаш припаѓаше во некои постели каде добиваше само тела без душа. Таа ти ја даде својата, а ти копнееше по други на чија кожа беше само број.
И што направи? Ја изигра? Не! Се изигра сам!
Направи од себе слуга на туѓо задоволство, наместо да бидеш крал на една единствена љубов која само таа ти ја пружaше.
И пати, стегај ги дланките и стисни ги забите кога ќе помине покрај тебе со друг.
Молчи, во тоа отекогаш беше најдобар. Молчеше кога ја губеше, а сега ни илјада зборови нема да ти помогнат да ја вратиш.
Не прозборе ни збор кога ја виде како заминува, помисли пак ќе се врати...каде би била посреќна ако не тука, а покрај тебе имаше сè само не среќа.
Знаеш, си имал многу погрешно сфаќање за тоа што е среќата. За девојка каква што беше таа беше доволно само да си покрај неа.
Остана сам, сам со сите. Тоа е најлошото чувство, кога сите покрај тебе се среќни и имаат некој кај кого секогаш можат да се потпрат, а ти што имаш?
Осаменоста, лажната насмевка и гордоста.
Ах, гордоста. Зарем толку ли чини таа гордост, повредна ли е од неа?
Знаеш...љубовта и гордоста не одат заедно, од едното мораш да се откажеш.
Љубовта бара жртви. Кога даваш, таа ти возвраќа двојно.
А кај гордоста, единствена жртва си само ти!
Автор: Кукла од Памук
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!